Од ЛДП прашуваат дали министерката Јаневска помислила на децата чии родители се разведени, на децата на кои само едниот родител им е жив, на децата чии родители со години водат тешки битки со инфертилитет и не можат да имаат повеќе деца или на децата од семејства кои поради лошата економска состојба и едвај врзаниот крај со крај имаат можност за само едно дете?
„Дали помисли министерката дека децата може да си ги постават меѓусебно овие прашања и да создадат предрасуди уште на самиот прв училишен ден?! Каков немир, чувство на вина и непотребна болка им нанесе на сите овие деца и семејства уште на самиот прв училиштен ден! Особено е поразително што оваа скандалозна парада доаѓа од професор на Медицинскиот Факултет. Ако како медицинско лице не ги знае основните правила на детската психологија и развој, подобро е навреме да се консултира со стручњаци, наместо да им прави директна штета на најмладите со вакви непромислени и скандалозни јавени истапи“, велат од ЛДП.
Од ЛДП сметаат дека училиштата во Македонија не се затвораат затоа што децата „не побарале братче или сестриче“, туку поради безнадежноста, сиромаштијата и масовното иселување на младите семејства што директно ги продуцира и оваа власт.
„Власта треба да се практикува со усул а не да се забегува. И кога ќе се згреши мора да се признае. Затоа, ЛДП бара министерката Јаневска и Владата јавно и без одложување да им се извинат на сите деца и родители кои беа повредени од оваа неодговорна и нехумана изјава“, категорични се од ЛДП.
Веднаш им вратија од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека ЛДП заборава дека нејзиниот поранешен претседател Жерновски, кој сега е во СДСМ, во 2009 година со иницијатива пред Уставниот суд го урна првиот закон за додаток за трето и четврто родено дете.
„Нашата политичка заложба како партија и како Влада која ја предводиме е директно во корелација со семејните вредности. Во однос на коментарите на политичката партија ЛДП за изјавата на министерката Јаневска, сакаме да ги потсетиме дека во 2009 година, поранешниот претседател на ЛДП, а сегашен член на ИО на СДС, со иницијатива пред Уставниот суд го сруши првиот Закон за додаток за трето и четврто родено дете“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.