Божиновска: Од денеска и Македонија ќе биде дел од Вертикалниот гасен коридор

Како што рече Божиновска, интензивно се работи на интерконекторот со Грција и на поврзувањето со Србија.

„Денеска ќе учествувам на два значајни настани. Едниот е 6-тиот Thessaloniki Metropolitan Summit, а другиот е јубилејниот 10. Енергетски форум на Југоисточна Европа. Ова е многу значајно бидејќи денеска ќе потпишеме и Меморандум за разбирање, што значи дека конечно нема да бидеме изоставени од енергетската мапа и ние ќе бидеме приклучени кон Вертикалниот коридор. Што значи тоа? Досега тоа беше предвидено да биде од Грција преку Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, сè до Молдавија и Украина, а од денеска ние и Република Србија ќе бидеме исто така вклучени во овој енергетски проект. Интензивно работиме на интерконекторот со Грција, секако и со поврзувањето на интерконекторот со Србија, што значи крајот на следната година, ние би требало да сме подготвени за да може низ земјава да има транзит на гас и секако, зголемени количини и да немаме само едно спојување. Тоа значи дека ќе имаме и втора граница каде што ќе може да се снабдуваме со LNG“, потенцира министерката.

Според неа, тоа значи дека земјата ќе има алтернативно снабдување.

„Ако досега имавме само едно спојување со Република Бугарија и тие капацитети се долгорочно закупени од Газпром, повеќе од околу 85 проценти, тоа значи дека сега ќе имаме втора можност – да се споиме со Александруполи и Ревитуса, и ние да бидеме исто така центар кој ќе ја снабдува и Југоисточна Европа со гас“, порача Божиновска.