Компанијата TESSA Energy, членка на групацијата TESSA Group, денеска и официјално ги пушти во употреба новите когенеративни капацитети во Скопје, со инсталирана електрична моќност од 2,1 MW и топлинска моќност од 2,6 MW. Инвестицијата во вредност од 2,5 милиони евра претставува прва фаза од поширок инвестициски циклус за модернизација на поранешната „Топлана Скопје Север“ и нејзина трансформација во современ центар за комбинирано производство на електрична и топлинска енергија.
Новата постројка е опремена со две современи високоефикасни генератори кои истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија. Оваа комбинирана технологија овозможува ефикасно користење на природниот гас како гориво, пониски производствени трошоци, намалени емисии на јаглерод диоксид и уште посигурно снабдување со топлинска и електрична енергија за корисниците.
Почетокот на работата на новите капацитети го означија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа, во придружба на сопственикот и генерален директор на TESSA Group, Ајри Шеј.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека модерната инфраструктура и партнерството со приватниот сектор се важни двигатели на развојот. „Денес сме на почеток на работа на една нова инвестиција и што приватниот сектор покажува дека може да прави зелена транзиција во државата и ова е многу значајно затоа што домашни компании покажуваат дека можат да се во чекор со најголемите светски трендови”, истакна тој.
„Ми претставува особено задоволство што денес сме овде во општина Чаир на настан со кој одбележуваме еден важен чекор во развојот на македонската енергетика. Денес го одбележуваме резултатот на инвестицијата која носи нов капацитет во домашниот енергетски систем, ново производство на електрична енергија и дополнителна сигурност за граѓаните и за македонската економија“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.