Ахмети на марш во Приштина за поддршка на хашките затвореници обвинети за злосторства против човештвото

Со знамиња на Ослободителната војска на Косово граѓаните на т.н. „Марш за слобода“ повикуваа на правда и на враќање хашките затвореници во Косово. За организаторите, ОВК се кренала против угнетувањето и нејзината борба не смее да биде предмет на ревизија преку судски постапки.

Пресудата за поранешните водачи на ОВК ќе биде изречена на 16 септември пред Специјализираниот совет во Хаг. Обвинителството бара секој од нив да добие казна затвор од 45 години. Тие се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Обвинети се за прогон, убиство, мачење, злоставување и  исчезнување на луѓе за време на војната во Косово во 1998 и 1999 кога биле убиени повеќе од 100 политички противници и претпоставени соработници на српските безбедносни сили, а стотици биле злоставувани во 50-ина логори управувани од ОВК.

Ахмети на својот фејсбук-профил напиша: „народот во Приштина јасно ја кажал својата пресуда за Тачи, Весели, Красниќи и Селими – да бидат прогласени за невини“.