АБТЦ и „Тиквеш“ меѓу гостите на престижниот годишен ручек на Трговската комора на Илиноис во Америка

Американскиот Балкански Трговски Центар (АБТЦ) и винарската визба „Тиквеш“ беа меѓу гостите на овогодинешниот престижен годишен ручек организиран од Трговската комора на Илиноис, на кој присуствуваа претставници на водечки компании во државата, бизнисмени, институционални претставници и политички лидери.

Настанот беше во знак на успехот, растот и достигнувањата на деловната заедница и претставуваше можност АБТЦ да ја сподели својата визија и мисија, но и да слушне и истакне инспиративни приказни за успешни бизниси и лидери.

-Работиме напорно и сакаме АБТЦ да прерасне во лидер кој ќе го гради мостот помеѓу Американските и Балканските бизниси, како во Америка, така и на Балканот. Затоа сме тука, да покажеме дека ништо не е невозможно, туку напротив, полека но сигурно се движиме кон целта. Присуствувајќи на вакви настани, сме чекор поблиску до остварување на нашата мисија и визија-изјави Бобан Попевски, еден од основачите на АБТС.

Годишниот ручек ги собра истакнатите професионалци и организации од Илиноис, ги прослави оние кои дале значаен придонес и создаде можности за вмрежување, соработка и воспоставување нови деловни контакти.

За АБТЦ, учеството на ваков значаен собир претставуваше можност да биде дел од заедница на лидери кои придонесуваат кон развојот на деловниот сектор и кон создавањето посилни врски низ Илиноис и пошироко.