Бугарија и порача на Македонија: Исполнете ги обврските од 2022

Средбата во Софија меѓу шефовите за надворешни работи на Бугарија и Македонија заврши со непроменети ставови. Пораката од Софија е дека ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија, но очекува земјата да ги исполни обврските од 2022 година, вклучувајќи ги и уставните измени.

Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорниот консензус од 2022 година, изјави бугарската шефица на дипломатијата Велислава Петрова – Чамова.

Вели дека средбата била конструктивна и дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски, по што ѝ било посочено дека е потребно да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.

Според неа, другите земји од Западен Балкан покажуваат политичка волја за напредок кон ЕУ, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи и со Северна Македонија.

Прашана дали од македонска страна била побарана некаква гаранција за исполнување на обврските, Петрова-Чамова рече дека најдобра гаранција е исполнувањето.

Важно е да видиме какви чекори се преземаат, а од наша страна можеме да кажеме дека немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнетии, изјави Петрова-Чамова.

Според неа, ниту една земја членка не може да и даде гаранција на која било земја кандидат за понатамошниот процес.

Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност, вели шефицата на бугарската дипломатија.

За исходот од средбата информираше и македонското МНР. Оттаму ја оценуваат средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, притоа нагласувајќи дека позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени.

Муцунски посочил дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, која, од наша перспектива, е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања.

Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново, истакнал Муцунски.

На средбата, како што информира МНР, било разговарано и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следи, при што била потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите.

Министерот нагласил дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат. Тој истакнал дека без дијалог не може да се дојде до решение, но и дека самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите.