Предложените измени на Законот за јавните набавки, за кои треба да се гласа в понеделник во Собранието, предвидуваат фирмите што ќе поднесат основана жалба и ќе успеат во постапката да немаат право на надомест на трошоците за адвокат, објави „Слободен печат“.
Адвокатската комора предупредува дека ваквото решение може да ја отежне правната заштита на компаниите и да доведе до дополнителни судски постапки.
Владата до Собранието доставила Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, со кој се предлага промена на членот 166 од постојниот закон.
Со членот 16 од предлог-законот се предвидува како трошоци на жалбената постапка да се признаваат само административната такса и надоместокот за водење на постапката. Во ставот 4, пак, е наведено дека доколку странката ангажира полномошник за застапување пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, трошоците за неговите услуги ќе ги сноси сама.
Тоа значи дека и кога жалбата на економскиот оператор ќе биде усвоена, односно кога ќе успее да го оспори постапувањето на договорниот орган, трошоците за ангажираниот адвокат ќе останат на товар на фирмата.
Од Адвокатската комора на Република Северна Македонија за „Слободен печат“ велат дека веќе доставиле официјално писмено обраќање до надлежните институции со забелешки за предложените законски измени.
Комората оценува дека предложеното решение може негативно да влијае врз правната сигурност, остварувањето на правото на ефективна правна заштита и заштитата на правата и интересите на економските оператори.
„Ваквото решение ќе претставува дополнителен финансиски товар за странките, ќе го обесхрабри користењето на законските правни средства и може негативно да се одрази врз контролата на законитоста на постапките за јавни набавки“, посочуваат од Комората за „Слободен печат“.
Оттаму предупредуваат и дека измените би можеле да доведат до дополнителни судски постапки, зголемување на трошоците и материјална штета за буџетот.
Адвокатите со кои разговарал „Слободен печат“ сметаат дека со предложеното решение финансискиот товар на правната заштита се префрла врз фирмата што била изложена на незаконито постапување. Според нив, тоа може да ја ослаби контролата врз договорните органи и да создаде дополнителни трошоци за компаниите што се обидуваат да ги заштитат своите права.
Како еден од ризиците се наведува можноста договорните органи да бидат помалку изложени на финансиски последици во случаи кога ќе се утврдат неправилности во постапките за јавни набавки. Забелешките се однесуваат на пропусти во тендерската документација, несоодветни одговори на прашањата на понудувачите, како и непочитување на законските правила при изборот на најповолната понуда и доделувањето на договорите.
Комората смета дека предложената измена треба да се преиспита, посочувајќи дека исклучувањето на надоместот за адвокатски услуги може да го обесхрабри користењето на жалбените механизми.
Дополнително, адвокатите предупредуваат дека фирмите би можеле да бараат надомест на причинетата штета преку посебни граѓански постапки. Тоа, според нив, би значело пренесување на споровите од жалбената постапка во парничните судови, со нови предмети, дополнителни процесни дејствија и повисоки трошоци за компаниите и договорните органи.