Министерството за образование и наука ги отфрли обвинувањата на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) за несоодветни услови во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, оценувајќи ги како обид за дискредитација на работата на институцијата и поттикнување незадоволство кај студентите.
Во реакцијата на прес-конференцијата на СДММ, од Министерството наведуваат дека реконструкцијата на домот во Автокоманда започнала во јули 2024 година, со финансиска поддршка од Европската Унија, и дека неодамна била завршена.
Според МОН, „Стив Наумов“ е првиот од деветте државни студентски домови што треба темелно да се реконструираат и енергетски да се обноват во текот на мандатот на актуелната Влада.
Министерството упати критики кон СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека во седумгодишниот период на власт не ги реализирала ветувањата за подобрување на студентскиот стандард, вклучително и најавената изградба на нов студентски град.
„Ги покануваме кога сакаат да влезат и да направат увид, но и споредба со објектите кои тие ги имаат изградено или реконструирано во време на нивниот мандат“, наведуваат од МОН.
Во однос на пријавените проблеми во реновираниот објект, Министерството објаснува дека станува збор за изолирани случаи, кои се санираат во рамките на гарантниот рок, но и за ситуации предизвикани од несовесно користење на просториите.
Како примери се наведуваат запушена канализација поради фрлени влажни марамици, активирање на противпожарниот аларм поради заборавена храна во микробранова печка и пушење цигари во собите, како и откорнат радијатор и паркирање автомобили на зелените површини. Според Министерството, сите овие проблеми се надминати.
Од МОН тврдат дека условите за престој во домот се одлични, а исхраната е организирана согласно пропишаните нутритивни стандарди.
„Залудни се обидите на СДСМ за дискредитација на работата на Министерството за образование и наука и за поттикнување незадоволство кај студентите“, се наведува во реакцијата.