Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупредила на продлабочување на поделбите во светот, зајакнување на авторитарните и олигархиските тенденции и забрзана милитаризација, оценувајќи дека на овие процеси не се имуни ниту државите со долга демократска традиција.
Ова го истакнала на средба со група поранешни студенти на Универзитетот Харвард, кои престојуваат во Македонија во рамките на студиско патување низ Балканот.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, на средбата се разговарало за глобалните безбедносни, економски, енергетски, етички и морални предизвици, со посебен осврт на состојбите во Европа.
Сиљановска-Давкова укажала на опасноста од продлабочување на внатрешните поделби во општествата и појава на нови регионални и меѓународни судири во услови на растечка мултиполарност. Таа предупредила и на маргинализацијата на меѓународните организации, меѓу кои и Обединетите нации, основани врз принципите на мултилатерализмот.
Одговарајќи на прашања за причините за насилните протести во повеќе држави, претседателката го поврзала растечкото незадоволство со слабеењето на социјалната улога на државите, продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните, како и зголемувањето на апатијата и безнадежноста.
Посебно внимание посветила на младите, кај кои, според нејзината оценка, сè повеќе се изразени чувствата на безнадежност и општествена несигурност, што може да придонесе за пораст на насилството.
На средбата била отворена и темата за македонската дијаспора. Сиљановска-Давкова оценила дека нејзиниот образовен, научен и професионален капацитет претставува значаен, но недоволно искористен потенцијал за развојот на Македонија.
Гостите од Харвард ги споделиле искуствата од досегашните посети на регионот и впечатоците од Македонија, каде што имале можност да се запознаат со културно-историското наследство и современите општествени процеси.
Претседателката го поздравила нивниот интерес за регионот и нагласила дека ваквите средби овозможуваат размена на знаења и искуства, преиспитување на сопствените ставови и подобро разбирање на меѓународните предизвици.
Како универзитетска професорка, таа ја истакнала и важноста на академскиот дијалог за препознавање на општествените проблеми и изнаоѓање решенија за нивно надминување.