ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека денес го критикува српскиот претседател Александар Вучиќ, иако претходно градел блиски политички односи со него заедно со поранешниот премиер Зоран Заев. Од партијата тврдат дека нивните врски се протегале и во кадровски решенија, а оценуваат дека политичкиот пад на СДСМ сега го следи и падот на Вучиќ.
„Падот почна од СДС, Венко Филипче и Зоран Заев, па продолжи со Вучиќ. Венко Филипче не може да избега од сопственото политичко минато и тоа нема да успее да го направи ни со 1.000 прес-конференции“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија велат дека Филипче денес се обидува да се претстави како остар критичар на Вучиќ, но потсетуваат на периодот кога, како што тврдат, тој и Заев граделе блиски политички односи со српскиот претседател и склучувале политички договори.
Како аргумент за нивните тврдења, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат видеоснимки од приватни забави на кои, според партијата, се гледаат Филипче и Заев како се веселат во Дубаи додека им пее Харис Џиновиќ. Во соопштението се споменуваат и снимки од приватна забава на која, како што наведуваат, со истиот пејач се забавувала и Ана Брнабиќ со други министри од српската влада, како и видео од Вучиќ на кое тој ужива во песните на Џиновиќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека граѓаните, кога Филипче зборува против Вучиќ, се потсетуваат и на нивните поранешни средби, како и на пречекот на српскиот претседател на границата. Во соопштението партијата изнесува и обвинувања за трговијата со марихуана во периодот на претходната власт и нејзиното наводно поврзување со Србија.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поврзаноста на СДСМ, Филипче и Заев со Вучиќ не се ограничувала само на личните и политичките контакти. Од партијата наведуваат дека за директор на ЕСМ бил поставен човек близок до Вучиќ, а за шеф за односи со јавноста во СДСМ бил назначен неговиот кум, Башановиќ.
„И ова не е сè, нивната поврзаност е уште поголема и таа допрва ќе се открива“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ прават паралела меѓу политичките состојби во Македонија и Србија, наведувајќи дека СДСМ доживеал пад на рејтингот и на изборите, а сега, според нивната оценка, сличен процес се случува и со Вучиќ.
„Едноставно кажано, Венко Филипче и Александар Вучиќ се едно исто“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.