Првпат се одржа парламентарен состанок со Северноатлантскиот совет на НАТО (NAC), на кој учествуваа претставници на националните парламенти на земјите членки на Алијансата. Во фокусот беа одбранбените приоритети, инвестициите и исполнувањето на преземените обврски.
Состанокот се одржа во Брисел, во организација на Парламентарното собрание на НАТО и Алијансата, а на него учествуваа и пратениците од македонското Собрание Драган Ковачки, шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО, и Павле Арсоски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.
Учесниците разговарале со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, како и со претставници на раководството на Алијансата и пратеници од земјите членки.
Целта на средбата била да се зајакне соработката меѓу националните парламенти и НАТО во спроведувањето на договорените приоритети од самитите во Хаг во 2025 година и Анкара во 2026 година.
Во разговорите била нагласена потребата од координиран пристап кон зголемувањето на средствата за одбрана, развојот на воените капацитети, набавката на опрема и зајакнувањето на отпорноста на сојузничките држави.
Претставниците на Алијансата истакнале дека одбранбената подготвеност зависи од единството меѓу сојузниците, континуираните инвестиции и навременото обезбедување на потребните капацитети. Посебно внимание било посветено на трансатлантската соработка и зголемувањето на придонесот на европските членки во конвенционалната одбрана.
Една од темите била и спроведувањето на обврската преземена на Самитот во Хаг за издвојување пет проценти од бруто домашниот производ (БДП) за одбраната и поврзаните безбедносни потреби. Биле разменети искуства за начините на кои националните парламенти можат да придонесат за исполнување на овие цели и обезбедување долгорочна политичка и финансиска поддршка за НАТО.
На состанокот се разговарало и за можностите за продлабочување на соработката меѓу парламентарните комисии за одбрана, Парламентарното собрание на НАТО и Северноатлантскиот совет.
Како што информираат од Собранието, парламентарната дипломатија има важна улога во зајакнувањето на трансатлантските односи и претворањето на заедничките одбранбени обврски во конкретни национални политики и планови.