Македонија не смее да го пропушти моментумот што се создава во Европа во однос на обезбедувањето критични минерални суровини и да дозволи потенцијалот на домашните наоѓалишта, меѓу кои и Иловица–Штука, да остане неискористен без темелна, стручна и одговорна проценка на можностите за нивно одржливо искористување.
Европската Унија веќе презема конкретни чекори за зајакнување на сопствените капацитети за истражување, експлоатација, преработка и рециклирање на критичните суровини. Преку Европскиот акт за критични суровини (Critical Raw Materials Act), ЕУ воспоставува механизми за препознавање и поддршка на стратешки проекти, поефикасно координирање на административните постапки и олеснување на пристапот до финансиски инструменти и инвестиции.
Овој пристап подразбира и пократки и попредвидливи рокови за издавање дозволи за проектите што ќе добијат статус на стратешки, како и поддршка за нивно финансирање преку европски и национални програми, финансиски институции и приватни инвестиции. Со тоа, Европа јасно покажува дека пристапот до минералните суровини е прашање на економска конкурентност, индустриска независност и долгорочна стратешка сигурност.
ИЗИР смета дека Македонија треба да ги следи овие европски насоки и да воспостави предвидлива рамка во која минералните ресурси ќе се разгледуваат како развоен потенцијал, а нивното евентуално искористување ќе биде условено со исполнување на сите законски, еколошки и општествени критериуми.
Во таа насока, особено е важно државните политики да се темелат на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини 2025–2045, изработена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Стратегијата предвидува научно заснован и аргументиран пристап кон геолошките истражувања и одговорното управување со минералните ресурси, со цел тие да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и одржливо користење на природните богатства.
Примената на овие насоки подразбира доследно почитување на законските процедури, стручни и независни проценки, соодветни студии за влијанието врз животната средина, континуиран мониторинг и вклучување на локалните заедници во процесите на информирање и консултација. Развојот на рударството не треба да се поставува како избор меѓу економијата и животната средина, туку како процес во кој економските придобивки се можни само доколку се исполнети највисоките еколошки и општествени стандарди.