Авиокомпанијата „Спирит ерлајнс“ соопшти дека поднела барање за заштита од стечај. Како причина за потегот ги наведе зголемените загуби, недостижниот долг, зголемената конкуренција за патниците на авиокомпаниите кои бараат зделка, како и неможноста да се спојат со другите авиокомпании, пренесува „Асошиејтед прес“.
„Спирит“, најголемата американска буџетска авиокомпанија, има загуба од 2,5 милијарди долари, со почетокот на 2020 година и се соочува со претстојните исплати во текот на следната година. Нивниот долг за исплати се искачил до над 1 милијарда долари.
Од „Спирит“ изјавија дека ќе продолжи да работи нормално и дека клиентите можат да продолжат да резервираат и летаат без прекин и дека паралелно ќе се одвива процесот на влегување во стечај. Сите билети, поени за лојалност, поврзани кредитни картички и други поволности за членство остануваат валидни и функционални, соопшти авиокомпанијата.
Акциите на „Спирит ерлајнс Инк.“, паднаа за 25%, откако „Вол Стрит Џурнал“ објави дека авиокомпанијата разговарала за условите за можно поднесување банкрот со своите сопственици на обврзници. Тоа беше само последниот во серијата удари што предизвикаа пад на акциите за 97 отсто од крајот на 2018 година – кога „Спирит“ сè уште заработуваше пари.
„Слушаме што се зборува на пазарот за ‘Спирит’, но не дозволуваме тоа да ни одземе внимание од работата. Фокусирани сме на рефинансирање на нашиот долг, подобрување на нашата севкупна ликвидносна состојба, распоредување на нашиот нов реобмислен производ на пазарот и зголемување на нашите програми за лојалност“, изјави извршниот директор Тед Кристи.