Расправијата меѓу градоначалничката Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ го парализираше Скопје

Свирежи од возила и пцовки, возење низ тротоари и преку тревни површини, нервозни возачи кои прават куп сообраќајни прекршоци, возила на Брза помош со вклучени ротациони светла кои нема шанси да се пробијат низ хаосот.

Ваква е сликата попладнево во центарот на Скопје, но и во околните општини во метрополата, откако најголем дел од автобусите на ЈСП престанаа да сообраќаат бидејќи нема обезбедено гориво, односно нафта.

Крстосниците и улиците на главниот град Скопје попладнево се целосно блокирани од бројот на возила кои сообраќаат | Фото: Мета.мк

Можат да се забележат и преполни автобуски постојки со граѓани кои со часови чекаа автобус. На автобуската постојка кај Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, повеќе од 50 луѓе залудно чекаа автобус, многумина од нив, нервозно гледајќи во часовниците и во телефоните.

Бројот на автобуси кои сообраќаат во главниот град се намалува од ден на ден како што претпријатието ги троши последните залихи на нафта. Додека граѓаните трпат од ваквата ситуација, и градоначалничката Данела Арсовска и владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно се препукуваат околу тоа кој е виновен за ваквата ситуација.

Арсовска, преку соопштение на Град Скопје го обвини премиерот Мицкоски дека тој „преку своите кадри креира кризи во јавните претпријатија“.

Тие во соопштението потврдуваат дека Јавното сообраќајно претпријатие нема нафта, а Скопје нема јавен превоз, но за тоа велат дека е „смислено сценарио за урнисување на претпријатието“.

Според Градот, кризата ја креирала одредена госпоѓа во Бирото за јавни набавки, која била кадар на „шефот на ВМРО-ДПМНЕ“ бидејќи „за прв пат од постоењето на претпријатието“ ја поништила редовната јавна набавка за гориво.

Тие, исто така, во соопштението посочуваат дека 24 пат по ред, на седниците на Советот на Град Скопје, не се носи предложената одлука за набавка на нови автобуси за ЈСП.

Фото: Мета.мк

Од неодамна и приватните автобуски превозници донесоа одлука да возат редуцирано, само по 18 часот.

Oд владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека виновник за хаосот низ градот не е нивниот претседател и премиер Христијан Мицкоски, туку градочалничката Арсовска која целосно го оставила на маргините јавното сообраќајно претпријатие.

„Наместо да се фокусира на проектите за Скопје, таа ги троши силите на смени на директори – дури 30 директори на јавни претпријатија и тројца секретари на Градот беа сменети во нецели три години,“ реагираа вчера од партијата.

Проблем со горивото имаше и изминатиот викенд, но од Град Скопје информираа дека автобусите на ЈСП од почетокот на работнава недела ќе сообраќаат редовно. Прашање е дали и колку ќе функционира јавниот превоз во главниот град денови и како скопјани ќе стигнат на работните места, а децата во училиштата.

Инаку, Арсовска стана градоначалничка на Скопје како независна кандидатка која беше јавно поддржана токму од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ гласаа токму за Данела Арсовска.

Почеток на сообраќаен хаос без јавен превоз – на постојките наместо автобуси се чека такси

INFO