Во Владата денеска вонредно се расправало за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што била констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие. На состанокот било констатирано дека постои криза во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, па Владата одлучила да му позајми на град Скопје од нафтените резерви на државата.
Kaко што информираат во Владата, и Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас, за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова, Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај.
Веќе два дена автобусите на ЈСП не сообраќаат, поради што владее вистински хаос на улиците во Скопје. Поради сообраќајниот хаос и колапсот во јавниот превоз кој настана вчера, а кој продолжи и денеска, голем број студенти во Скопје утрово воопшто не успеале да стигнат на предавања или полагања на факултет. Мета објави дека додека некои чекаа автобуси и повеќе од еден час, други се жалеа на пренатрупаност во автобусите на ЈСП Скопје.
Со такси, електрични тротинети или организирани во сопствени возила – секој студент утрово на свој начин се обидел да се снајде за да стигне на предавање или полагање во колоквиумската недела која на некои факултети трае сè уште. Поради хаосот во јавниот превоз кој вчера достигна ново ниво, дел од студентите велат дека овие два дена воопшто и не стигнале на факултет.