Првата дама на САД, Меланија Трамп, преку своите адвокати најави тужба од повеќе од милијарда долари против Хантер Бајден, синот на поранешниот претседател Џо Бајден, поради негови изјави дека таа била запознаена со Доналд Трамп преку Џефри Епштајн.
Во правното предупредување, адвокатите на првата дама ја опишуваат изјавата како „лажна, навредлива и клеветничка“, и бараат Бајден да ја повлече и да се извини, во спротивно ќе следи судска постапка. Според нив, Меланија Трамп претрпела „огромна финансиска и репутациска штета“ од тврдењето, пишува Би-би-си.
Изјавата на Бајден беше дадена во интервју со документаристот Ендрју Калаган, во кое тој тврдеше дека постојат необјавени документи кои го поврзуваат Трамп со Епштајн. Адвокатите велат дека Бајден се повикал на отстранет напис од „Дејли Бист“, кој веќе е повлечен и за кој медиумот упатил извинување по правен приговор од првата дама.
Нема докази дека Меланија и Доналд Трамп биле запознаени преку Епштајн. Во интервју за „Харперс Базар“ од 2016 година, Меланија изјавила дека се запознала со Трамп во 1998 година на забава организирана од основач на модна агенција.
Во меѓувреме, се зголемува притисокот врз Белата куќа да ги објави т.н. „Епштајн досиеја“, документи поврзани со истрагата за Епштајн.