Проектот за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) објави аудио снимка од наводен телефонски разговор меѓу директорот на Јунајтед груп, Стен Милер, и директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, во кој тие се чини дека зборуваат за смената на Александра Суботиќ, извршна директорка на Јунајтед медија, во чии рамки работи и телевизијата Н1, но и српските медиуми Нова, Данас и Радар, објави ТВ Н1.
На снимката, наводно директорот на српскиот телеком повеќе пати потврдува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бара смена на Суботиќ. Во истиот разговор, Милер исто така се чини дека го споменува претседателот, велејќи дека разбира дека е вознемирен, но бара уште малку време за да ја смени Суботиќ.
ТВ Н1 го објавува целиот транскрипт од наводниот разговор преведен од англиски на српски јазик, кој овде го пренесуваме на македонски:
Милер: Здраво, Владо, Србија ни експлодира под задниците, но како и да е… Богдан ме информираше кратко, ми испрати некои документи. Го поврзав со нашите банкари кои работат на одвојување на медиумскиот бизнис во Србија. Така го поврзав, итн. Тој ќе биде во контакт и со адвокатите од Луксембург од Depevoise за да можеме да ги завршиме работите. Мој проблем, Владо, е што завршив escrow* за тебе… Дали тоа функционира? Дали сега е во ред, escrow?
Лучиќ: Сè е во ред. Сè е во ред.
Милер: Добро, совршено. Владо, не знам кој ти ветил што или како, но кога јас давам ветување, тоа и го исполнувам. Јас сум човек кој си стои на зборот. Проблемот е што премногу работи што се случуваат пребрзо во повеќе насоки, вклучително и таа работа во Србија. Имам многу малку влијание освен она за кое разговаравме кога се сретнавме во Белград. Не можам денес да ја отпуштам Александра, како што го разгледувавме тоа, ок? Морам таа компанија да ја направам многу мала во Србија, ако разбираш што мислам, и да ја одвојам. Ми треба време за тоа, и тоа е она за што се договоривме. Банкарите мора брзо да работат. Разбирам дека претседателот те повикал и дека е многу вознемирен, и тоа го разбирам. Но, морам да најдам начин како тоа да го направам брзо, брзо. Не знам што Никос ти ветил или што некој друг ти ветил, но ќе направам сè за да ти помогнам, Владо.
Лучиќ: (нерозговорлив дел)… Иста е ситуацијата и во Јунајтед груп. Имаш директори на медиуми, и потоа ја имаш Александра Суботиќ која формално не е на некоја голема позиција. Затоа претседателот побара од Никос брзо да биде сменета само Александра Суботиќ, не и директорите на Н1 и Нова С. Тој е свесен колку е сега тешко да се смени директор на Н1 без реорганизација.
Милер: Да. Не, не, ќе го решаваме брзо, колку што е можно побрзо.
Лучиќ: Но, Александра Суботиќ е како Викторија или позиција слична на таа…
Милер: Да, тоа е… Тоа е кучешка ртабота од типот на КГБ.
Лучиќ: Но, таа… Таа дефинитивно се гледа. Сите останати луѓе не се гледаат директно, сите останати се во ред. Значи, во овие Н1 Србија и Нова С, тие имаат…
Милер: ОК… Но, ти ветувам, ако можев да ја отпуштам Александра, таа ме нервира. Навистина. Секојпат кога разговарам со неа, полудувам. Не сакам да разговарам со неа. Не ја сакам. Значи, не е проблем ако уште малку ја задржам. Тоа би било во ред. Ако би ти кажал како разговара со мене, ми вели, ти мораш да одлучиш. Шест пати досега ѝ реков, не можеш да ми кажуваш што да правам. Јас не работам за тебе. Ужасно е. Исто така, на состаноците што ги имавме, ми вели мораш да го направиш ова, мораш да го направиш тоа… Јас работам е**** сè.
Лучиќ: Гледај, и таа ни направи пример сега (нерaзбирливо)… Кога бевте вие BC Partners (неразбирливо)… Тие ги ставија во вашите вести поради Александра Суботиќ и сега сте вие… за Никос…
Милер: Знам, знам…
Лучиќ: Но, таа управува со медиумите во Јунајтед медија.
Милер: Знам, знам што направи. Тоа не го направи еднаш, туку многу пати. Но, мене не ме загрижува што мисли Никос, во ред? Никос ми е пријател, го знам одамна. Но, на крајот од денот јас водам е**** компанија и го сакам Никос. Многу ми е драг. Тој ми е многу драг пријател. Ја знам неговата фамилија и сè. Од друга страна, морам да направам работите да се случат и ќе направам да се случат што е можно побрзо, Владо.
Лучиќ: Ќе го објасниме тоа околу тебе… Ако ти треба било каква помош од мене, можам да се вклучам…
Милер: Да, апсолутно…
Лучиќ: …ако сакаш да разговараш.
Милер: Не, не, апсолутно.
Лучиќ: …можеме заедно да направиме.
Милер: Не, веќе сум… Веќе сум, Владо. Така што сме, знаеш…
Лучиќ: Сакам да ти помогнам на кој било начин…
Милер: Знаеш кога се ракувавме… Знаеш кога се ракувавме, сега сме заедно. Кога првпат те запознав, тогаш станавме пријатели. Не мора да поминеш 100 години заедно за да станеш пријател. Ти верувам 100%. Има уште една работа што морам да те прашам. Кога станува збор за преземањето на Shoppster и другите работи за кои разговаравме, толку сум зафатен. Можеш ли тоа да го поместиш за една недела, те молам? Морам да го склопам договорот, но ако можеме да го оставиме за недела или две.
Лучиќ: Не, не грижи се, јас ќе ги подготвам моите…
Мілер: Ти подготви ги твоите работи и јас ќе… Да.
Лучиќ: …Договорот…
Милер: Кога ќе бидеш подготвен, јас ќе… Ќе долетам во Србија и ќе ја завршиме работата. И потоа пак одиме на убав ручек во клубот, во ред?
Лучиќ: Да, да.
Милер: Да, тоа е добро…
Лучиќ: Тоа е многу добро, работам на тоа…
*Escrow е финансиски процес во кој неутрална трета страна (посредник) привремено држи средства или имот во име на двете страни во трансакцијата сè додека не се исполнат договорените обврски. Посредникот (често банка или специјализирана escrow агенција) ги префрла средствата на продавачот дури откако купувачот ќе потврди дека условите на трансакцијата се исполнети, со што се штитат двете страни од измама и се обезбедува сигурноста на трансакцијата.
Директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, во првичата реакција на сознанијата на ОЦЦРП, потврди дека разговарал со Милер, но дека смената на Александра Суботиќ не била тема на нивниот разговор.
По објавувањето на снимката, Лучиќ во своите јавни настапи се обиде да ја дискредитира Суботиќ, но и да ја оспори автентичноста на снимката, поради што Телеком Србија наводно подготвува тужба, без да прецизира кого точно ќе тужи и каде.
Весна Радојевиќ, новинарка на КРИК, која соработуваше со ОЦЦРП на оваа сторија, изјави за ТВ Н1 дека снимката е автентична и дека тоа е „клучен доказ колку Вучиќ може да влијае врз медиумскиот пазар во Србија“.
„Вучиќ го започна својето владеење со тоа и сега повеќе од 10 години подоцна сведочиме за ново рушење на медиумите“, наведе Радојевиќ.
Инаку, Телеком Србија е присутна на македонскиот пазар преку нивната подржуница М Тел, виртуелниот мобилен оператор Лајкамобајл, а од неодамна преку преземањето на дел од Јунајтед медија, стана сопственик и на провајдерот Тотал ТВ, како и на други компании кои нудат услуги во Македонија.
„Посветени сме на долгорочна стратегија за присуство на овој пазар, поради што и инвестициите се значајни и сериозни. Нашата компанија во Северна Македонија моментално има повеќе од 100.000 корисници и 90 вработени. Презедовме дел од United Group во Србија, а сега и во Македонија. Делот кој претходно беше познат како Total TV сега е интегриран во нашата мрежа. По четири години започнуваме нов инвестициски циклус во Северна Македонија, со план да вложиме 50 милиони евра. Ќе работиме активно на изградба на оптичка мрежа и ќе разгледаме можности за преземање на помали кабелски оператори, со цел да го продолжиме растот“, рече Лучиќ во интервју за Newsmax Balkans дадено во Скопје на почетокот на август годинава.