Велика Британија објави дека не ја поканува израелската владина делегација на меѓународниот саем за одбрана „DSEI UK“, што ќе се одржи следниот месец во Лондон, поради војната во Газа, пишува Би-би-си.
„Одлуката на израелската влада да ја ескалира својата воена операција во Газа е погрешна. Затоа потврдуваме дека нема да има покана за израелска владина делегација на DSEI UK 2025,“ соопшти портпарол на британската влада.
Министерството за одбрана на Израел ја осуди мерката како „намерен чин на дискриминација“ и соопшти дека нема да постави национален павилјон на саемот. Сепак, израелски одбранбени компании ќе може индивидуално да учествуваат на изложбата, која ќе се одржи од 9 до 12 септември.
„DSEI“ е најголемиот британски одбранбен саем што се одржува на секои две години и е поддржан од владата, која поканува и странски делегации.
Во изминатите месеци, Британија суспендираше дел од трговските преговори со Израел и суспендираше 30 од вкупно 350 дозволи за извоз на оружје. Премиерот Киер Стармер неодамна ги нарече нападите врз болница во Газа, при кои загинаа најмалку 20 лица, „целосно неоправдани“.