Основното јавно обвинителство Штип поднесе oбвинение против лицето кое пред неколку денови на фудбалски терен среде натпревар, истепа две петнаесетгодишни деца, а во меѓувреме предложи да се продолжи претходно определената мерка притвор, соопштија оттаму.
„На 24 август, на фудбалскиот стадион „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу пионерските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ од Штип и „Шкупи“ од Скопје, обвинетиот со грубо насилство ја загрозил сигурноста на оштетените две 15 годишни деца, кои биле играчи во тимот на ФК „Брегалница“. На децата им нанел телесни повреди, а кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, наведено е во соопштението од Обвинителството.
Настанот се случил во 89 минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на обвинетиот, кој играл за „Шкупи“.
„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот. Јавниот обвинител до Основниот суд во Штип достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот“, се додава во соопштението.
По инцидентот кој се случи пред пет денови, јавен обвинител веднаш поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото.