Дали и вие ги сретнавте STOP знаците низ Скопје со пораката „Стоп за говорот на омраза“?

Во урбаниот ритам на секојдневието, често не сме свесни како говорот на омраза го нарушува нашиот заеднички простор – не само во комуникацијата, туку и во социјалниот и емоционалниот живот на заедницата. Токму на ова прашање одговара новата уметничка интервенција во јавен простор, која преку визуелна и симболична форма го поставува прашањето: Колку далеку дозволуваме да нè однесе говорот на омраза – и дали сме подготвени да му ставиме крај?

Овојпат, како основа за акцијата е искористен најпрепознатливиот сообраќаен знак–STOP. Знакот кој повикува на претпазливост и пред кој мора да се застане. Во Скопје беа поставени повеќе од 50 такви знаци, трансформирани со нова порака: „Стоп за говорот на омраза“. Идејата произлегува од силната визуелна симболика на знакот, кој секојдневно нè тера да застанеме и да внимаваме. На ист начин, и оваа акција ги поттикнува граѓаните да „застанат“, да ја прочитаат пораката и да размислат за последиците од ширењето на омразата.

Говорот на омраза во Северна Македонија зема сè поалармантни размери. Тој не е само вербална изјава – тој создава реални пречки за нормална комуникација, поттикнува поделби, конфликти и дискриминација, и остава длабоки траги врз поединците и општеството.

Со оваа акција сакаме да потсетиме дека, како што постојат јасни правила во сообраќајот за да ја зачуваат нашата безбедност, така мора да воспоставиме и јасни општествени правила за да ја заштитиме јавната сфера од омраза.

Акцијата е дел од поширокиот концепт на креативен активизам, кој ја користи уметноста не само како израз, туку и како алатка за општествена промена. Наместо апстрактни апели, интервенцијата создава визуелно и комуникациско искуство што го трансформира обичниот јавен простор во место на соочување и дијалог. Преку оваа едноставна, но моќна порака, ги повикуваме граѓаните, институциите и заедницата во целина: време е да кажеме СТОП за говорот на омраза.

INFO