Станиќ веќе има „италијанско“ искуство, сме одиграле и реми против „Азурите“ во минатото

Македонската фудбалска репрезентација до 21. година денеска во Битола, на стадионот Петар Милошевски, ќе го одигра вториот дуел од тековните квалификации против репрезентацијата на Италија. Се е подготвено по 31. година националниот фудбал да се врати во Битола, на сега веќе реновираниот стадион и тоа во ноќен термин под рефлектори.

Италија е голем мотив за нас. Фаворитот пристигнува за да не совлада, но ние имаме свои адути. Во минатото не сме имале У21 дуел со овој противник но затоа пак ги имаме во пониските категории У17, У19, а и во сениорската конкуренција.

Интересен е фактот кој вели дека токму нашиот актуелен селектор на оваа генерација Горан Станиќ има квалификациско искуство против Италија. На У19 турнирот во Скопје во 2015 година, кога ја предводеше Македонија во поразот од 2:3. Тоа беше генерацијата на Боби Целески, Дин Аломеровиќ, Стефан Јевтоски, Нехар Садики, Шаип Тела, Ремзифаик Селмани, Мартин Христов, Бурим Авдулахи,Давор Здравковски, Емил Абаз, Валентин Кочоски, Стефан Лазаревиќ, Петар Петковски. Од другата страна на пример за Италија во таа генерација на комплексот ФФМ настапи еден Федерико Ди Марко, Мануел Локатели и голманот на Наполи, Алекс Мерет.

Истата таа 2015 година во Созопол, Бугарија, У17 репрезентацијата предводена од Вујадин Станојковиќ одигра 0:0, а во тој состав се најдоа на пример, Христијан Стевковски, Кирил Ристовски, Андреј Кировски, Антонио Митрев, Тодор Тодороски Кристијан Трапановски, Елиф Елмас, Јани Атанасов, Марко Ферукоски, Димитар Митровски и Бобан Здравевски. За Италија на пример во составот е еден Алесандро Бастони, Џанлука Скамака, или на пример во моментов играчот на Милан, Матео Габиа.

INFO