Во текот на месец август, пристигнати се пријави за три новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА. Се работи за три машки лица од Скопје и Тетово на возраст од 25 до 39 години, наведено е во билтенот за движењето на акутните заразни заболувања во месец август,кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Во однос на веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, лицата се припадници на МСМ популацијата. Нема регистрирано смртен случај. Кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987–2025, изнесува 717, од кои 136 лица починале, 577 лица живеат со болеста, а 4 лица се со непознат исход“, се вели во билтенот.
Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 6 заболени лица – 3 случаи на инфекција со хламидија, 2 случаи на вирусен хепатитис Б и еден случај на вирусен хепатитис Ц.
Како што е наведено во билтенот, во текот на август, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се ентероколитите со вкупно 433 пријавени лица. На второ место по број на пријавени заболени во месец август се овчите сипаници, со 234 случаи. Во однос на поделбата на акутните заразни заболувања по групи, во август, најголем број припаѓаат на цревни заболувања.
Во групата на останати акутни заразни заболувања, во август се регистрирани 22 случаи. Од нив, 18 се случаи на шуга и по 2 случаи на бактериски менингит и вирусен менингит.
Во август, на Инфективната клиника била третирана пациентка од Словачка која имала денга. Како што се наведува во билтенот, се работи за 30 годишно женско лице, која во периодот од 11 до 16 август престојувала во Тајланд, а на 16 август се вратила во Словачка, каде на 21 развила симптоми, со појава на температура, главоболка, болка во мускулите, еритематозен макулопапуларен осип, малаксаност и замор, а дошла како турист во Р.С.Македонија на 22 август. На 25 август ѝ направена молекуларна дијагностика со PCR, со позитивен резултат за денга.