Кога пред четири години за првпат стапнал во Македонија за време на Ковид-19 пандемијата, Ричард немал намера оваа земја да стане негов дом. Британецот тогаш пристигнал со пријател, во потрага по нови искуства и малку слобода во време кога правилата во неговата татковина биле особено строги. Сепак, шесте недели поминати овде оставиле доволен силен впечаток за тој 14 пати да се враќа во земјава, а на крајот и трајно да се пресели. Денес Ричард кој е познат како „SideQuestMerchant“, живее во Македонија и гради Јутјуб канал.
Од имперсонирање на стереотипни Македонски карактери, до обид за пловење долж реката Вардар, Ричард собира илијадници прегледи на неговите видеа, а Мета.мк поразговара со него за досегашното искуство и виралното видео за реката Вардар.
Kога прво ја посети Македонија и кога реши дека сакаш да живееш тука?
Ричард: Прво дојдов во Македонија во 2020 година за време на Ковид пандемијата, во Велика Британија имаше многу строги правила па со другар одлучивме дека сакаме да отпатуваме некаде а имаше само неколку опции за тоа. Одлучивме да дојдеме во Македонија. Бевме тука 6 недели и сметавме дека ова е прекрасна и пречудна земја, постојано имаше некое случување. Низ минатите 2 години патував во Македонија многу пати, кога завршив со студирање решив да започнам Јутјуб канал, а Македонија ми личеше на совршено место за тоа бидејќи моите идеи можев да ги претворам во реалност.
На почетокот правеше забавни видеа на Инстаграм рилс, но јавноста најдобро те знае по виралното видео во кое се обидуваш да пловиш по Вардар. Како дојде до идејата за тоа видео?
Ричард: Видеото за Вардар, ни беше едно од најпопуларните видеа. Очекувавме да ни требаат неколку дена за да пловиме по реката. Оригиналниот план ни беше сами да си изградиме сплав со кој ќе пловиме но така немаше да можеме да го пренесеме до локацијата од каде сакавме да започнеме, па земавме сплав на надување. На почеток тоа беше супер пошто се движеше брзо но тоа беше и крајот на авантурата бидејќи се дупна па потонувавме. Искрено единствено нешто што не предвидовме беше огромната количина ѓубре низ реката, во Скопје има но до не толку, кога стигнавме до Желино, се изненадивме од тоа што го видовме. Никогаш немам видено нешто такво. Беше цел ѕид од ѓубре, си викавме дека има ледени брегови од ѓубре.
Како се подготвувавте за оваа авантура и со какви предизвици се соочивте на терен?
Ричард: Имавме спремено шатори во кои планиравме да кампуваме покрај реката и земавме залиха храна и вода, зборувавме со луѓе за длабочината на реката, разгледувавме мапи за да видиме дали ќе налетаме на некакви проблеми. Информациите беа ограничени, но се обидевме да се припремиме најдобро што можеме. Ама не олекувавме да има толку отпад.
На социјалните мрежи имаше бурни реакции на видеото, а следеа и голем број медиумски објави. Дали очекувавте такви реакции од јавноста?
Ричард: Првото видео што беше вирално беше од мене на пловка во Вардар, имаше 200.000 прегледи на инстаграм во рок од една недела, сите во коментари се шегуваа дека сега сум радиоактивен и кажуваа дека не било безбедно да се седи во реката. Од друга страна, концептот на нашите видеа е невозможните идеи да ги претвориме во возможни. За скоро време ќе излезе видео во кое живееме во пештера во Гостивар без сончева светлина, седевме таму цела недела. Едноставно ќе си речеме „што ако пробаме да го направиме ова“ и ја претвараме идејата во реалност, па правам видеа од искуствата. Македонски медиум направи објава каде велат дека маж од Белгија се заглавил во Вардар, па тоа стана хит на инстаграм. Не сум сигурен како им текнало дека сум од Белгија, бидејќи очигледно не сум, но тоа беше прва медиумска објава за нас. Во Македонија искрено нашите видеа собираат голем број прегледи во кратко време, првото видео го објавивме беше во Јули а од тогаш гледаноста ни е голема. Претпоставувам бидејќи си мислат „што прави странец во Македонија“ но и бидејќи, според мене, имаме видеа со добра продукција и висок квалитет. Мислам дека претходно немало нешто вакво а планираме да продолжиме.
View this post on Instagram
Во видеото имате 3 обиди за пловење по Вардар, од кои ни еден не беше успешен од разни причини, дали бевте спремни на такви потешкотии?
Ричард: Искрено знаев дека реката ќе е плитка на некои делови, но Џорџ, со кој што пловевме веќе имаше претходно искуство бидејќи го пловевме Охридското езеро. Пловевме до Радожда и бевме на водата 22 саати. Кога станува збор за планирање, има многу работа околу тоа. Ги планираме видеата 5 месеца однапред бидејќи е долг процес, треба да видиме дали ни требаат некакви дозволи, транспорт на опрема и случно. Вардар не беше претешко бидејќи сметавме дека ќе ни се потребни 5 дена, планиравме и да заставуваме за храна но не успеавме да го направиме тоа бидејќи сплавот потона прилично брзо.
По видеото за Вардар испративте повик за чистење на реката. Зошто се пренасочивте на активистички содржини?
Ричард: Рилс е прилично голема работа во Македонија, има многу голем број на корисници, започнав серијал видеа на Рилс каде глумам стереотипични македонски ликови и видеата собираа многу прегледи. Сега малку се поместивме накај активистички содржини, снимав прилично луди видеа, и тоа ќе продолжам да го правам, но она што го видовме низ Врадар беше неверојатно.
Не треба реката да изгледа така, Ако луѓето тргнат сами од себе и преземат одговорност ситуацијата може да се подобри. Јасно е дека има проблеми со горење отпад и фрлање отпад, но сакам да ја кренеме свеста и да им покажеме на луѓето преку видеата каква природа има низ земјава. Да покажеме дека може да биде испочитувана, но да ја претставиме и реалноста. За скоро време ќе излезат и нови видеа што се посмешни, ќе се вратам и комедичните видеа. Активистичките акции и видеа се одговор на тоа што го видов во Вардар.
Гледам дека има неколку акции за чистење на реката, повикував и луѓе да се вклучат во чистење на реката. Кога прашав зошто не може да чистиме и внатре во водата ми беше кажано дека треба да имам примено некаков вид вакцини за да влезам во реката, но тоа ми беше кажано откако чистев во вода до колена.
Се надевам луѓето ќе се вклучат во акциите за чистење и сите ќе преземат одговорост.
Спомна и дека имаш започнато фирма во Македонија, што може да очекуваме од нејзе?
Ричард: Основање на фирма е тешко, а основање на фирма како Британец во Македонија е уште потешко, но имам добра екипа која работи напорно, а за сега имаме и 8 вработени. Сега се занимавам само со Јутјуб и објавуваме видеа на секои 2 недели. Започнав компанија тука во февруари и вработив еден човек кој ќе работи на логистиката на видеата, имам и асистентка која на пример доколку имаме планирано видео поврзано со пештера, таа ќе најде пештера соодветна за видеото што го имаме замислено. Снимаме многу видови видеа и посветени сме на правење интересна и квалитетна содржина.