Под мотото „Ниту една повеќе“, утре протест поради фемицидот во Велес

Повеќе граѓански организации ќе организираат протест заради последниот фемицид во кој жртва беше Росица Коцева од Велес, која заедно со својот татко настрада од раката на поранешниот партнер. Протестот, кој е најавен под мотото „Ниту една повеќе“ ќе започне пред Министерството за внатрешни работи во 17,30 часот и ќе продолжи со блокада пред паркот Жена Борец 18 часот.

Организаторите во соопштение повикуваат на протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита. Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски, а со тоа и целото општество кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите.

„Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитениИ покрај пријавите за насилство и заканите по живот од поранешни или сегашни партнери, напорите на сите убиени жени за да живеат безбедно и слободно не биле слушнати“, посочуваат организаторите.

Според достапните податоци, само во последните пет години настрадале најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство. Во ваква средина, секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита.

Во 2023 година, С. Македонија ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинираше и криминализираше фемицидот, осакатувањето на женските гениталии, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот, при што земјава е првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.

Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата.

„Бараме оставки на одговорните службени лица и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и центри за социјална работа кои не постапиле по пријавите за насилство и закани во овој и слични случаи и независна истрага. Да се воспостават и јавно објават обврзувачки протоколи за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството за постапување по пријави за насилство и закани, со јасни рокови и одговорности и зголемени ресурси и капацитети. Бараме имплементација на законите за фемицид и да прекине заштитата на насилниците“, велат организаторите.

INFO