Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по настанатиот пожар во Трубарево. Се собирале докази и за настанувањето на пожарот и за начинот на складирањето на отпадот на предметната локација, а локацијата била фотографирана и снимена со дрон.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, информираат од ОЈО.
Од таму посочуваат дека на лице место е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.