Кондарко посочи дека споредено со минатите локални избори што се одржаа во 2021 година, разликата во бројот на поднесени листи е минимална. Во 2021 година имало 27 политички партии, 7 коалиции и 91 независна листа од група избирачи, а сега има 22 политички партии, 19 коалиции и 119 поднесени листи.
„Значи сè уште оперирам со терминот поднесени листи, во текот на денот ќе се објави бројот на потврдени листи. Значи, има некое зголемување кај бројот на коалиции затоа што најголемите партии, на пример, СДСМ има четири различни коалиции, четири субјекти. Во ВМРО-ДПМНЕ има 11 различни коалиции, со различни партии настапуваат во различни општини и сето тоа се одразува на бројот на учесници како бројка на субјекти. Секоја коалиција е посебен субјект со посебен даночен број и трансакциска сметка“, рече Кондарко.
Според претседателот на ДИК, вкупните бројки се многу слични со оние на минатите локални избори.
„Во 2021 година за градоначалник имало поднесено 297 листи, за советници 559. Сега, во 2025 година, бројот на поднесени листи за градоначалници е 312, а број на поднесени листи за советници е 575,“ вели Кондарко.
Тој појасни дека во текот на минатата недела траела законската процедура на проверка на целокупната документација за исполнетост на условите на поднесените листи, а најмногу време како што рече одземала проверката од судовите за издавање уверенија за неосудуваност.
Прес-службата на ДИК вечерва соопшти дека според статистиката добиена во Државната изборна комисија, вкупно потврдени листи за градоначалници на општините и Градот Скопје се 303, а за членови на советите во општините и Советот на Град Скопје се потврдени вкупно 558 листи.
За општините Куманово, Аеродром, Карпош и за Град Скопје, ДИК информира дека сè уште има листи кои се во фаза на отстранување на неправилности по доставено известување од општинските изборни комисии. Од нив вкупно осум листи за градоначалник се во процес на отстранување на неправилностите, а 20 листи за членови на советите на општините и советот на Град Скопје. Од доставените листи, отфрлени се вкупно пет листи за градоначалник на општина и тоа по една листа за општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.