Утре и во четврток Клиника за пулмологија ќе ги прегледува жителите на Трубарево и околината

Министерството за здравство и Клиника за пулмологија и алергологија, утре и во четврток ќе организираат скрининг за жителите на Трубарево и околината, информираше денеска министерот Азир Алиу. Тој посочи дека прегледите ќе ги вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила, во периодот од 10 до 16 часот.

„Сите кои сметаат дека треба да посетат доктор, да се пријават на скринингот. Дополниетелно ако има потреба ќе можат да продолжат со прегледи на Клиниката“, рече Алиу.

Директорот на Клиниката, Оливер Зафировски рече дека започнуваат заедничка акција со Министерството во која двата тима лекари ќе направат почетни испитувања како клинички преглед, спирометрија и ЕКГ на населението во Трубарево, за откривање на можните последици од големиот пожар, во кој пред десетина дена изгоре склад со пластичен и електронски отпад.

„Доколку се утврди дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови или доколку се утврди некаква дијагноза ќе се препорача соодветна терапија, а доколку се потребни дополнителни испитувања ќе бидат преупатени во Клиниката“, рече Зафировски.

INFO