Индекс на отвореност 2025: Најотворени општини се Крива Паланка, Берово и Демир Хисар, а најзатворена Демир Капија

Најотворени општини во 2025 година биле Крива Паланка, Берово и Демир Хисар, додека како најзатворени за своите граѓани се оценети Демир Капија, Сопиште, Лозово и Студеничани, покажуваат наодите од Индексот на отвореност за 2025 година, што беше промовиран денеска на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“. Истражувањето, кое ги опфати сите 80 општини и Градот Скопје и покажува дека меѓу општините со поголема отвореност влегуваат и Кочани, Битола, Делчево, Карпош, Валандово, Богданци, Велес, Кичево, Гази Баба и Гевгелија, Прилеп и Василево, а меѓу најзатворените се и Кривогаштани, Чучер Сандево, Врапчиште, Росоман и Шуто Оризари.

Данче Даниловска-Бајдевска, Програмска директорка во Фондација „Метаморфозис“, истакна дека Индексот за отвореност го сочинуваат четири компоненти. Освен транспарентноста се анализираат и пристапноста, начинот на консултации со граѓаните, спремноста за унапредување на интегритетот на општината како и ефикасноста во работата.

„Веруваме дека само преку отворноста која ги опфаќа овие сегменти општините придонесуваат во справување со корупцијата, која според последните две истражувања на МЦМС е најголемиот проблем за граѓаните. Ако транспарентноста треба да е повисока за да се спречи корупцијата, сметаме дека та треба да го направиме преку дигиталните  алатки и транформацијата“, вели Даниловска-Бајдевска.

Фото: Метаморфозис

Таа посочи дека покрај изработката на Индексот и менторската поддршка која се дава на општините заедно со партнерите во проектот, Руралната коалиција и Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“,  важно е и да се вклучат и граѓаните во донесувањето на одлуки, заради што е креирана и дигиталната алатка мЗаедница, преку која им е овозможено на жителите на општините полесно да ги кажат своите проблеми и сугестии до локалните власти, а општините да имаат можност да бидат отчетни и соодветно да реагираат.

Според податоците од Индексот, најпосветени на транспарентноста годинава биле општините Кочани и Крива Паланка, а најниско е оценета Демир Капија, која за време на мониторирањето била без функционална веб-страница. Во поглед на свесноста, споредба со Индексот од 2024 година, има подобрување за три проценти, но и понатаму ова останува најзанемарената област во агендата на локалната самоуправа. Во овој дел Крива Паланка се покажа како најпосветена, заедно со општините Берово,  Делчево и  Гевгелија, за разлика од Демир Капија, Дојран, Долнени, Зелениково и други кои не објавуваат ниту една информација од оваа област.

Според Мила Јосифовска Даниловска, Програмска менаџерка во Фондација Метаморфозис, во споредба со истражувањето од 2024 година, наодите покажуваат благо подобрување во пристапноста за два отсто во обезбедувањето јавен пристап до информации од јавен карактер и ефикасни механизми за граѓанска вклученост, а најпристапна општина била Битола. Годинава напредок е регистриран и во областа интегритет, каде има зголемување за три проценти, во споредба со 2024 година.

„Според Индексот за отвореност на општините 2025, истражувањето покажа дека во однос на 2024 година има благо зголемување на отвореноста, но и понатаму има голем простор за подобрување. Во споредба со 2024 година кога локалната самоуправа во просек исполнуваше 37 отсто од индикаторите за отвореност, во 2025 година просекот достигна 40 отсто. Иако се видливи напорите на одредени општини да ја зголемат својата отвореност, овој процент сепак покажува ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт,“ вели Јосифовска-Даниловска.

Исто како во 2024 година, и годинава опшините имаат највисока просечна оценка во областа на транспарентноста, а најниска во областа свесност. Во однос на планските региони, Општините во Источниот Регион годинава се најотворени, за разлика од Полошкиот, каде се најзатворени. Иако има напредок во скоро сите плански региони, најголем е во Источниот Регион, најмал во Полошкиот Регион, а уназадување има во Вардарскиот регион.

Градоначалникот на општината Берово, Звонко Пекевски, која годинава е меѓу трите најотворени општини, истакна дека локалната самоуправа во работењето се води по принципите на отвореност, отчетност и транспарентност, особено во ажурирањето на сите општински одлуки и изработката на месечни извештаи за приходите и расходите во буџетот.

„Воспоставивме пракса да биде видливо како е потрошен секој денар од општинската каса на месечно ниво. Покрај тоа имаме редовна комуникација со граѓаните, за што сум многу благодарен на општинската администрација. Организираме јавни расправи, консултации, форуми за граѓаните директно да учествуваат во донесувањето на одлуките, средби на кои граѓаните ги запознаваме со планираните проекти, а имаме и електронска комуникација преку која граѓаните можат директно да ги пренесат своите проблеми и забелешки“, посочи Пекевски.

Дел од општините во земјава на располагање ја имаат и дигиталната алатка мЗаедница, која е мултифункционална платформа што им овозможува да ги дигитализираа сите јавни услуги. Според Александар Јовановски, проектен координатор во Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, со апликацијата може да се објавуваат повици за субвенции, пријави за стипендии или социјална помош, а една од најголемите придобивки е можноста да се прават анкети за сите прашања од јавен интерес. На овој начин, според Јовановски, се гради сигурност и довербата помеѓу општините и граѓаните.

Тематскиот форум се реализираше со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас во рамките на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)“ спроведуван од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

INFO