„Имав билатерална средба со министерот за надворешни работи на Кипар, земја која што од јануари ќе го преземе претседавањето со ЕУ. Зборувавме за потребата од засилена координација по тоа што е наш интерес, односно конечно отпочнување на процесот на преговори со ЕУ, а исто така и за билатералната соработка, потенцијалите што ги имаме во туризмот, во трговијата, во политичката соработка“, изјави Муцунски по вчерашните средби во Њујорк.
Како што јави известувачот на МИА, тој учествуваше и на повеќе настани поврзани со неколку регионални иницијативи, на појадокот организиран од министерот за надворешни работи на Италија, Тајани, како и на ручекот организиран од Регионалниот совет за соработка.
„Пред сѐ, ги користиме можностите за афирмација на нашите позиции, за ширење на тоа што за нас е значајно како политичка порака во Њујорк“, истакна министерот Муцунски.