Иницијативата „Стоп за Вардариште“ утре наутро во 7,30 часот организира блокада на мостот „Близнаци“ кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, а попладне во 18 часот е закажан и простест на истата локација. Граѓаните се незадоволни што власта не ги слуша нивните барања и апели за решавање на проблемот со старата скопска депонија, која веќе со децении е жешка еколошка точка и преставува опасност за животната средина.
„Го превземаме овој чекор поради истекување на рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања за воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште, 24-часовно физичко обезбедување, итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои таму живеат бесправно и поставување на ограда околу Вардариште,“ посочуваат од Иницијативата.
Тие од институциите бараат да започне процес за конечно затворање на Вардариште, но и да се откријат и казнат сите кои досега предизвикуваат загадување со потпалување на пожари. граѓаните бараат ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште, со цел да се стави крај на ваквите незаконски активности.
„Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција,“ информираат од „Стоп за Вардариште“.
Од таму ги повикаа сите граѓани да им се приклучат и апелираа до работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа и ги замолија возачите за разбирање за утринската блокада.