Апасиев: Забраната за рекламирање на Левица ќе заврши во Стразбур

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев реагираше на одлуките и упатствата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Државната изборна комисија (ДИК), обвинувајќи ги за лицемерие и селективен пристап кон различни политички партии.

„Видете го лицемерието на АВМУ и ДИК. Кога беше за ‘Независните’ не им беше проблем да се стават во улога на законодавец и со подзаконски акт да регулираат правна празнина. Кога е за ЗНАМ, дури во Упатството за платено политичко рекламирање измислуваат и нов вонзаконски термин ’поддржувач’ (иако законот оперира само со терминот ’коалиција’), за да може ВМРО-ДПМНЕ да им ги плаќа рекламите на ТВ на Максо, иако не се формално во коалиција и имаат две бројчиња. Ама кога е за Левица – не можеле они да толкуваат!? “ напиша Апасиев на фејсбук.

Тој потсети дека целта на законот е сите партии, и парламентарни и вонпарламентарни, да имаат еднаков пристап до средства за рекламирање во изборната кампања: „Тоа во правото се вика телеолошко толкување, ама многу сте прости, пакосни и корумпирани да го сфатите, па се држите само до граматичко-позитивистичкото“, вели Апасиев.

Апасиев вели дека ова е прв случај во историјата на независна Македонија една легална регистрирана партија да биде ефективно спречена да се рекламира, дури и со сопствени пари.

„За оваа политичка дискриминација ќе се расправа дури и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, верувајте, неправдата ќе предизвика ефект на бумеранг. Народот гледа и интуитивно се солидаризира со оној на кој му се прави лошотилак!“ – порачува тој.

Од Левица најавуваат дека нема да застанат само на јавното негодување. „Нашиот правен тим ќе поднесе кривични пријави и тужба за оштета против сите членови на ДИК и Советот на АВМУ, за предизвикана материјална штета. Ќе биде ангажирано финансиско вештачење за да се утврди износот“, најави Апасиев.

На удар ја стави и улогата на Уставниот суд, кој според него, останува пасивен:
„Уставниот суд пак, како по обичај, не е од тука. Фатен е во зимски сон, иако плурализмот и фер изборите се темелни вредности на уставниот поредок кои тој треба да ги штити“.

INFO