Коцевски: Се води предистрага за УЈП, постапката за „Пулс“ не е завршена

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека се води предистрага за вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), но и во други институции, поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според него, постапката сè уште не е завршена и можно е да бидат опфатени уште десетина кривични дела. Ваквата изјава на јавниот обвинител доаѓа по видео-сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објавен во неделата.

„Со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Предистражната постапка беше отворена веднаш и таа сè уште трае“, изјави Коцевски пред седницата на Советот на јавни обвинители.

Тој нагласи дека информациите што ги објави ИРЛ не претставуваат нови сознанија за Обвинителството, бидејќи сите пораките од разговорите меѓу сопствениците на дискотеката и инспектори веќе се доставени до одбраната на обвинетите, судот и МВР.

„Тоа се многу малку пораки во однос на она со што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена, не само во однос на УЈП, туку и за евентуално други институции“, рече Коцевски.

По објавувањето на видео-стиријата „Нашиот морален компромис“, Јавното обвинителство реагираше дека надлежностите на УЈП се однесуваат исклучиво на даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па затоа тие не биле опфатени со обвинението. Но, ИРЛ посочи дека ова тврдење не е точно.

Обвинителството, според нив, веќе шест месеци располага со докази за злоупотреба на службена положба, примање мито и оддавање доверливи информации за инспекциски контроли. Овие дејствија не се ограничуваат само на финансиската работа на УЈП, туку опфаќаат и информации за заеднички контроли со други институции, како МВР, кои требало да вршат проверки и на безбедносните аспекти.

ИРЛ потсети дека Обвинителството досега јавно никогаш не информирало дека се вршат проверки за евентуални коруптивни дејствија во УЈП, ниту дека истрагата ќе се прошири за системско разрешување на случајот. Според нив, постоеле законски механизми локалот да биде затворен или спречен да работи, со што трагедијата можела да биде избегната.

„Иако институциите не се директни виновници за пожарот, тие имаат голема улога и одговорност во одржувањето на работата на локалот без да бидат исполнети законските барања. Тука лежи јавниот интерес кој беше предмет на нашето истражување“, наведоа од ИРЛ.

Во однос на вториот предмет поврзан со пожарот, кој го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против 13 полициски службеници, Коцевски рече дека обвинение сè уште нема затоа што на случајот работи само еден јавен обвинител.

„Сè уште имаме 70 јавни обвинители помалку, а тоа ќе трае уште најмалку три и пол години. Од тие причини постапката се води подолго време, но ќе заврши наскоро“, изјави тој.

INFO