Директорот на Телеком Србија најави кривични пријави против медиумите кои ја објавија снимката од разговорот со Милер

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, никогаш не побарал смена на Александра Суботиќ ниту на кого било од компаниите Јунајтед груп или Јунајтед медиа, соопшти директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, а пренесе ТВ Н1.

„Новиот директор на Јунајтед груп, Стен Милер, го познавам скоро два месеца и не се тајна разговорите како партнери кои учествуваа во аквизицијата со која Телеком Србија купи дел од Јунајтед груп“, наведе Лучиќ.

Според него, деловната пракса и правните норми ги обврзуваат претставниците на стариот и новиот сопственик на дел од портфолиото на Јунајтед груп на континуирана комуникација, која треба да обезбеди што поефикасна транзиција на сите деловни функции без последици за вработените.

„Во разговорот со господинот Милер не станало збор за медиумите чии сопственик е Јунајтед груп, ниту пак би се осмелил кој било да влијае врз уредувачката политика на тие медиуми“, изјави Лучиќ.

Во врска со објавената аудио-снимка, Лучиќ истакна дека побарал увид во истата пред нејзината објава за да се утврди автентичноста.

„Бидејќи тоа не се случи, ќе биде покрената кривична постапка против медиумите кои ја објавија поради нанесување на штета на угледот, а дополнително ќе биде побарано од судот да ја утврди автентичноста на наведената снимка“, се наведува во соопштението на директорот на Телеком Србија.

Да потсетиме, Проектот за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) објави аудио-снимка од телефонски разговор меѓу директорот на Јунајтед груп, Стен Милер, и директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, во кој наводно се зборува и за смена на Александра Суботиќ, извршна директорка на Јунајтед медиа, во чиј состав работи и телевизијата Н1.

Транскрипт од разговорот меѓу директорите на Јунајтед груп и Телеком Србија: „Морам таа компанија да ја направам многу мала во Србија“

INFO