Четириесет отсто од младите до 18 години пушат цигари. Затоа податоците од анализите се алармантни и треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронски цигари, се некоја безбедна варијанта што нема да им пречи. Новите студии покажуваат дека и тие не се безбедна варијанта на цигарите. Ова го изјави денеска Тамара Мијовиќ-Спасова од независната институција за истражување на јавните политики „Аналитика тинк-тенк“, во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу младите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.
На работилницата беше истакнато дека младите почнуваат да пушат на 13 години, а 40 отсто од популацијата до 18 години се пушачи. Загрижувачки се анализите на „Аналитика“, според кои, на младите под 18 години во земјата не им се забранува продажба на цигари.
„Најважно е едукацијата и превенцијата за пушење на цигари да почнува од многу рана возраст. Македонија има традиција на пушење цигари. Но, ајде да ја смени младината. Од најмала возраст да ги едуцираме младите дека пушењето е штетно, со цел да развиваат позитивни навики“, рече Мијовиќ-Спасова.
На работилницата, министерката за образование Весна Јаневска кажа дека со законски измени основните и средните училишта биле задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.