Зелената агенда, намалување на загадувањето и отпадот да бидат императив за идните градоначалници, бараат граѓанските организации

Принципите на Зелената агенда да бидат императив за идните градоначалници, а локалните политики да се насочат кон одржлив развој и енергетска ефикасност, подобра заштита на животната средина, зголемена употреба на обновливи извори на енергија, унапредување на управувањето со отпад и циркуларна економија, како и кон адаптација кон климатските промени и намалување на загадувањето, бараат граѓанските еколошки организации.

Во екот на изборната кампања, екологистите нагласуваат дека интегрирањето на Зелената агенда во работата и делувањето на општините е клучно за подобар квалитет на живот на нивните граѓани, за обезбедување почист воздух, повеќе зелени површини и поотпорни заедници. Тие велат дека на идните градоначалници можат да им обезбедат и експертиза како и конкретни решенија и препораки.

„Скопје мора да се врати на патот на одржлив урбан развој. Денес градот се соочува со прекумерна бетонизација, уништување на зелени површини и урбан хаос предизвикан од неконтролирано градење. Наместо нови згради и молови, Скопје има потреба од заштитени и проширени зелени површини, паркови и дрвореди кои обезбедуваат чист воздух и квалитетен јавен простор“, велат од Центарот за климатски промени.

Посочуваат дека планското и транспарентно урбанистичко планирање, со активно вклучување на граѓаните и експертската јавност, мора да биде насочено кон одржлива мобилност, создавање пешачки и велосипедски патеки, современ јавен транспорт и помала зависност од автомобили. Паралелно, потребни се темелни промени во системот за управување со отпад, редовно и ефикасно собирање, селекција и рециклирање на хартија, пластика, стакло и биоотпад како ресурс, борба против дивите депонии и воведување строги контроли и казни за загадувачите, како и едукација на граѓаните за компостирање и одговорно користење на ресурсите.

„Само со интегриран пристап кон урбаниот развој и управувањето со отпадот, Скопје може да стане град отпорен на климатски промени, функционален, еколошки одржлив и пријатен за живеење, каде јавниот интерес е над приватниот профит“, сметаат граѓанските организации.

Прекумерната бетонизација, уништувањето на зелените површини, донесувањето одлуки за развој без јавна расправа, ниската енергетска ефикасност на зградите и непрописното управување на отпадот со честите пожари на депониите кои го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на граѓаните се состојби кои ја намалуваат отпорноста на градот на климатските промени и го влошуваат квалитетот на живот, заради што екологистите сметаат дека внесувањето на петте столба од Зелената агенда во локалните политики е многу важно.

„Урбанизацијата во градот е претерана и потребно е да се огледуваме на примери како Словенија, која гради затворени и зелени градови. Скопје мора да се прилагоди на климатските промени, бидејќи зголемената бетонизација со бекатон и бетон доведува до поплави, поради тоа што водата нема каде да се впие во земјена површина. Сакам да живеам во Скопје кое ќе го врати балансот меѓу урбаното и природното, со повеќе зелени површини, одржлива инфраструктура и јавни простори што овозможуваат чист воздух, безбедно движење и квалитетен живот за сите граѓани,“ вели Маја Маркоска, извршен директор на Милиеуконтакт Македонија.

INFO