Димитриевски го повика Филипче на ТВ-дуел

„Да биде сарказмот поголем, не само што ги повика јавно, туку им се јавуваат и телефонски и им велат – вратете се назад простено ви е сè. Барем да речат – се извинуваме погрешивме, повелете вратете се назад. Тоа е проблемот и кај претходното, и кај ова, а веројатно и кај идното раководство на СДСМ, затоа што повеќе од сигурно ќе има ново раководство. Тие ќе останат генерали без војска и се занимаваат со нас, наместо со својот главен опонент – ВМРО-ДПМНЕ. Во ред ако сакате може да се соочиме, еве јас го повикувам Венко Филипче и да ги соочиме аргументите, а не да доаѓа како денеска во Куманово и за мене да се искажуваат лаги и инсинуации“, порача Димитриевски, кој рече и дека за него СДСМ е одамна завршена приказна. ЗНАМ е автентична партија, во која, точно е дека има поранешни членови социјалдемократи, но и голем дел на луѓе кои првпат влегуваат во политика, меѓу кои и видни јавни личности и поранешни спортисти – репрезентативци.

Зборувајќи за блокадата на Македонија на патот кон ЕУ и односите со источниот сосед, лидерот на ЗНАМ посочи дека Македонија треба сама да се потпре на себе, да земе успешни примери како Швајцарија и да воспостави систем со кој ќе чекори напред. Затоа што, вели тој, малку е лицемерно Украина и Молдавија да добиваат шанса за преговори и идно членство со кршење на принципот на консензуалност, а Македонија да се врти „како рингишпил на кружен тек“.

„Ние сме Македонци. Како ЗНАМ подготвивме порано еден документ со кој повикувавме на национално и државно обединување и заеднички став по ова прашање Сега, гледаме дека и Филипче нуди таков документ кој, според мене, е кукавичко јајце, солидно спакувано, можеби и пишувано во Софија. Нивниот документ во голем дел ја отсликува резолуцијата на бугарскиот парламент“, кажа Димитриевски.

Тој ги отфрли инсинуациите дека е националист и албанофоб, посочувајќи низ конкретни примери во Куманово колку проекти реализирал во средини кои се населени исклучиво со Албанци или во мешани етнички средини, иако на минатите избори токму таму не освојувал ниту еден глас. На овие, избори ЗНАМ ќе го потврди својот рејтинг, не е точно дека се намалува, и ќе се покаже дека сме стабилен политички фактор и партнер.

По изборите, најави дека очекува повик од премиерот, веќе има првични најави, за тоа, да се седне на разговори за можна реконструкција на Владата. Никој не е вечен или венчан за позицијата, но имаме причина за задоволство од нашето работењее во Владата и реформските чекори што ги презедовме досега, потенцираше лидерот на ЗНАМ.

 

INFO