Основниот кривичен суд Скопје целосно го одобри обвинителниот акт за пожарот во дискотеката „Пулс“

Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинителниот акт за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Судот денеска информира дека предметот согласно АКМИС системот е распределен кај надлежен судија за понатамошно постапување, но нема информација кога ќе започне судењето.

Во предметот ќе им се суди на 37 обвинети, од кои три се правни лица. Заради сериозноста и обемот на случајот, Врховниот суд во јуни годинава одлучи надлежен да биде Основниот кривичен суд Скопје, ценејќи дека треба да постапуваат судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја по што, во јули Основниот суд во Кочани го достави обвинителниот акт.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека во процесот на одлучување, изземени беа двајца судии, од кои едната е во роднинска врска со една од жртвите, а ќерката на другата е бранител на дел од осомничените. Претседател на советот за оценка на обвинителен акт беше судијата Моника Бахчовановска, а изземените судијки ги заменија судиите Софче Гаврилова Ефремов и Илија Трпков.

„Од постапување во кривичниот совет изземен е и судијата Ивица Стефановски, од причина што како бранители во овој предмет се јавуваат неговата сестра и бранител со кој е во кумовска врска, додека пак судијата Елизабета Постоловска, која го нема законски предвиденото искуство, не може да постапува по овој предмет и заради сето тоа при распределбата на предметот овие судии  се исклучени од автоматската распределба во АКМИС системот, информираат од Судот.

За делото предизвикување на тешки дела против општата сигурност се обвинети тројца сопственици и управители на фирмите Кладик ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ, потоа тројца градежни инспектори, како и 5 државни службеници, меѓу кои и двајца министри, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани и други.

INFO