Триесет години од атентатот на Киро Глигоров – три децении политичка мистерија

Глигоров со тешки повреди на главата, го прживеа нападот. На местото на настанот загина неговиот возач Алекасндар Спировски, а повреден беше и телохранителот на тогашниот претседател, Илчо Теовски. Од последиците од експлозијата загина и Христо Христоманов, случаен минувач. Повредени беа и Климе Коробар и Јован Атанасовски, исто така случајни минувачи.

Истрагата која беше спроведена утврди дека нападот бил добро испланиран и организиран, но и до ден-денес организаторите ниту извршителите не се изведени пред лицето на правдата. Овој факт остава простор, триесет години подоцна, атентатот врз првиот претседател на независна Македонија да влезе во аналите нерешените политички „мистерии“.

Атентатот беше извршен во возило „цитроен ами 8“, каде беа скриени 20 килограми експлозив, активиран од далечински управувач, во миговите кога возилото со Глигоров се движеше кон зградата на Собранието, и експлозијата се случи пред хотелот Бристол.

Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри. Автомобилот „ами-8“ бил намерно избран за поставување на бомбата, затоа што има тенок лим.

Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски на првата прес- конференција организирана во тогашните американски простории во центарот во Скопје, изјави дека во организацијата на атентатот е вклучена една мултинационална финансиско-економска групација, практично со седиште во една соседна земја.

Беа извршени претреси на повеќе од 30.000 возила, легитимирани беа 188.000 лица. Во истрагата биле вклучени и безбедносни служби на САД, Германија и Британија, но и натаму извршителите не се познати.

За обидот за атентат врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година.

Глигоров почина од природна смрт на 94-годишна возраст на 1. јануари 2012 година.

„Секое политичко убиство нема правна разврска, затоа што убијците не шетаат по улица, тие се во власта! И ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано!“, пишува во својата денешна колумна  на Фејсбук, Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и пратеник во првиот парламентарен состав на македонското Собрание.

„Ви текнува за атентатот на Киро Глигоров (3 мај 1917 – 1 јануари 2012) на 3 октомври 1995 година? А, поминаа цели 30 години…

Мистеријата продолжува, а истрагата и натаму е во тек или може и прекина, бидејќи жртвата одамна почина! Впрочем, истрагата и ја заборавија, повеќе не им треба…

Има(в)ме амбасадор во Њујорк, кого Американците не го прифатија во Вашингтон ама после го пратија во Обединетите Нации, па пак го вратија назад во Македонија поради финансиски малверзации… Стојан Андов тврдеше дека Фрчкоски е атентаторот, а атентаторот демантираше…

И покрај се’, сите се едногласни дека имало големи пропусти во спроведувањето на стандардизираните процедури за обезбедување на високи претставници на државата, во собирањето на доказниот материјал, и за време на обезбедувањето на просторот каде што бил извршен атентатот и пошироко.

Остана нејасно, кои лица беа во ‘фичото’ кое возеше пред претседателскиот ‘мерцедес’, што го забави движењето на колоната со претседателското возило, пред да се случи експлозијата…

Нема дилема дека атентатот бил извршен од професионалци, дека сè било до детал испланирано, стручно спроведено и дека Глигоров имал голема среќа што воопшто остана жив!?

Претпоставка е дека нарачателите на атентатот се заштитени, а атентаторот е ликвидиран. но…“, пишува Тодор Петров,  во својата денешна колумна за 30-годишнината од атентатот врз Киро Глигоров.

 

INFO