Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во петокот изјави дека разговара со Русија и Украина за обновување на надворешното напојување со струја на нуклеарната централа Запорижје, која од 23 септември е отсечена од електричната мрежа и работи на итни дизел генератори. Според Гроси, клучната пречка е безбедносната ситуација на теренот, објави британски Гардијан.
„Двете страни велат дека се подготвени да ги извршат потребните поправки од својата страна на фронтот. Но, за тоа да се случи, мора да се подобри безбедноста, за техничарите да можат да работат без ризик по нивниот живот“, изјави Гроси, додавајќи дека станува збор за „прашање на политичка волја“.
Убиен француски новинар во напад со руски дрон
Францускиот фото-репортер Антони Лаликан (37), добитник на меѓународни награди, беше убиен во руски напад со дрон во источна Украина, соопштија украинските власти. Тој на фронтот ја придружувал Четвртата оклопна бригада на Украина во Донбас. Во истиот напад бил ранет и украинскиот новинар Георгиј Иванченко.
„И двајцата новинари носеа заштитна опрема и елеци со јасно обележани натписи PRESS“, објави единицата на Фејсбук. Според Серхиј Томиленко, претседател на Сојузот на украински новинари, Лаликан бил убиен во близина на градот Дружкивка, еден од најактивните сектори на 1.250 километарскиот фронт во Донбас.
„Со напаѓање новинари, руската армија свесно ги таргетира оние кои се обидуваат да документираат воени злосторства“, рече Томиленко.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази „длабока тага“, а Европската и Меѓународната федерација на новинари го осудија нападот како „воено злосторство“. Украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Андриј Сибига, го нарече убиството „гнасно злосторство и прекршување на меѓународното хуманитарно право“.
Масовни руски напади врз украинската енергетска мрежа и животински фарми
Русија во петокот изврши најголем напад врз гасната инфраструктура на Украина од почетокот на инвазијата во 2022 година, соопшти украинската државна компанија Нафтогаз. Нападите вклучувале 35 ракети и 60 дронови, кои ја погодиле гасната инфраструктура во областите Харкив и Полтава.
„Некои ракети беа пресретнати, но не сите. Имаме критична штета на повеќе објекти“, изјави директорот на Нафтогаз, Серхиј Корецки.
Истата ноќ, руски дрон предизвикал пожар во свињарска фарма во североисточна Украина, при што загинале околу 13.000 свињи, а еден работник бил повреден. Фотографии од теренот покажуваат опожарени шупи со остатоци од животни.
Украина ги прекинува односите со Никарагва
Украинското МНР објави дека ги прекинува дипломатските односи со Никарагва, откако таа земја официјално признала руска сувереност над окупираните украински територии. Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, во писмо до Владимир Путин го нарекол нападот врз Украина „херојска борба против НАТО-поддржан неонацизам“.
Украина соопшти дека ваквиот потег е обид да се поткопа нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Земјата нема амбасада во Никарагва, ниту значајна трговска размена со неа.