За изјавата на Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ води негативна кампања, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таква кампања води токму СДСМ.
„Нашето потсетување на катастрофата на нивното владеење не е негативна кампања, туку сурова реалност која ја живеат сите граѓани. И ако мислат ќе заборавиме, а до пред една година беа на власт и направија масакр од државата со кражби и уништување на институциите и предавства, тогаш се излажале. Да дозволиме да ни глумат невини и нови ликови, со истите трикови како претходно кога ветуваа живот а сега ветуваат среќа, и кога очигледно се лицемерни и не се менуваат и сакаат да го излажат народот повторно, тоа нема да се случи. Нека си ги види Филипче фејсбук профилите и Тик ток кампањата на негови соработници и луѓе кои ги плаќаат, каде најбрутални лаги и гадости пишуваат и измислуваат, па после нека глуми мајка Тереза“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За обвинувањата на Филипче дека МВР се злоупотребува за партиско-изборни цели, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таквата изјава наликува на алиби „кое го договорил со својот ментор за да се задржи на функцијата“.
„Веќе видено и познато сценарио. И народот го знае тоа. И ќе ги казни повторно затоа што не само што не се менуваат, туку упорно го потценуваат и навредуваат сопствениот народ. За неговата состојба говори и фактот што човекот се плаши збор да каже за Заев, до толку е заложник и испреплетен во нивни взаемни интереси и бизниси. Тоа само по себе е индикатор за се. И аларм за народот дека треба да ги казни. Македонија ќе победи и ќе се одбрани од истите трикови на СДС, кои ја доведоа до тешка состојба од која се трудиме да ја извлечеме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.