Лабудовиќ ветува дека Центар ќе биде прва општина со „здравствен хаб“

„Денес не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.

Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.

„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака, погрижете се за себе, животот е вреден“, додаде тој.

Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен ако биде избран за градоначалник, а тоа е „Центар – здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.

Овој хаб, појасни Лабудовиќ, ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство. Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.

„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.

Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.

„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.

INFO