инМинистерот за здравство Азир Алиу денеска го назначи д-р Јован Божиновски за нов директор на Клиниката за неврологија, откако претходно го разреши д-р Игор Кузмановски, по објавата на видеото во кое се гледа како докторот, во домашна атмосфера, меша бела прашкаста материја и зборува дека не може да шмрка „бело“ со амфетамини и спидови.
„Имавме неколку состаноци за случајот викендов. Се чувме со претставници на Лекарската комора, веќе е формирана комисија од Министерството за здравство, а исто така е побарано и инспекциски надзор да се направи на клиниката, поврзан со докторот. Очекуваме резултати и истиот извештај ќе биде споделен со јавноста“, рече Алиу, кој додаде дека ќе се проверува колку пациенти прегледал Кузмановски и каков тип на услуги давал.
Алиу потврди дека на Кузмановски му е истечена лиценцата за работа во март, но кажа дека за продолжување и издавање лиценци, надлежна институција е Лекарската комора.
„Ќе чекаме од нив информација во врска со лиценцата. Ако давал здравствени услуги во време кога истечена му била лиценцата, тоа е спорно, но да оставиме да покаже истрагата што се случувало“, рече Алиу.
На новинарско прашање, дали во некој од здравствените закони, Алиу ќе иницира проверка, односно токсиколошки анализи во редовните систематски прегледи на сите лекари, тој одговори дека лично е За такво нешто, но не е сигурен правно дали тоа може да се дефинира.
„Би сакал да има таков член во законот, но дали може тоа да се вметне, не би сакал да ви кажам, кога не сум сигурен. Лично сум за“, одговори министерот.
Новиот директор-невролог, кој е и асистент на Медицинскиот факултет, Јован Божиновски, кажа дека со право јавноста е загрижена после објавата на ова видео.
„Но, ве уверувам дека од овој момент Клиниката ќе функционира непречено, сите дијагностички амбуланти ќе функционираат непречено, сите лекувања ќе течат нормално. Од денес ќе се формираат две интерни комисии на клиниката, со кои ќе се иницира внатрешен стручен надзор на минатиот директор во период од 12 месеци, за да се направи објективна проценка на услугите и стручните препораки кои ги давал. Откако ова ќе биде разгледано, ќе ја информираме јавноста за фактичката состојба. Ќе се поведе дисциплинска секако против него, но ќе почекаме извештај на ДСЗИ и стручната комисија на Мининстерството за здравство, да не избрзуваме“, рече Божиновски.