Во Владата, како што е најавено, во тек е билатерална средба. Не се предвидени изјави за новинарите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на Скопје на Фон дер Лаен и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен завчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки денеска допатува во Скопје.
Како што информира Европската комисија, за време на престојот во Скопје Фон дер Лаен, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски ќе се сретне и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На скопскиот аеродром претседателката на ЕК ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. „Попладнево на скопскиот аеродром ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, која во рамки на својата агенда за Западен Балкан денес пристигна во Скопје“, објави Муцунски на Фејсбук.
Министерот истакна дека од денешните средби очекува потврда за поддршката за процесот не евроинтеграција.
„Очекувам на денешните средби да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската унија. Членството во Европската унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика“, нагласи Муцунски.