Директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО, Гејлен Нејс, во посета на АНБ

Во просториите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), денеска се одржала средба помеѓу директорот Бојан Христовски и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО, Гејлен Нејс. Како што информираат во АНБ, средбата се одржала во знак на силната и континуирана посветеност кон зајакнување на соработката и унапредување на партнерските односи во рамки на Алијансата.

„На средбата беа разгледани повеќе теми од заеднички интерес, со акцент на тековните активности за модернизација и дигитализација на Агенцијата во согласност со НАТО стандардите. Беше разговарано и за потребата од адаптација на националните безбедносни капацитети на новите глобални безбедносни предизвици, особено во контекст на брзиот технолошки развој и искуствата стекнати од современите безбедносни кризи. Двете страни ја потврдија определбата за продлабочување на соработката и координацијата во насока на унапредување на заедничките капацитети и зголемување на оперативната подготвеност“, информираат во АНБ.

Директорите заклучиле дека единството на Алијансата е нејзино најсилно оружје, а стабилна и силна Алијанса е гаранција за безбедноста и стабилноста на сите нејзини членки и нивните граѓани.

„Посебно беше нагласена важноста на размената на информации, стратешката доверба и заедничкото планирање на безбедносните активности, како предуслов за ефективно справување со современите безбедносни ризици. Во таа насока, Агенцијата за национална безбедност ќе продолжи активно да придонесува кон напорите на НАТО за унапредување на безбедносната архитектура и заштита на демократските вредности“, се додава во соопштението од АНБ.

INFO