На социјалните мрежи во општина Кичево кружат прислушувани материјали, во
кои што се слуша глас за кој се вели дека е на градоначалникот на општината,
Фатмир Дехари, со експлицитна, сексуална, коруптивна содржина, со навреди,
пцовки и други работи, објави „Порталб“. Иако од медиумот контактирале со Дехари, тој не дал коментар за прислушуваните материјали, а во „Порталб“ не биле во можност
независно да ја потврдат содржината на тие материјали.
Како што се пренесува, прислушуваните материјали биле објавени последниве денови на Фејсбук профилот, Ел Чека (Шеќерим Ахмеди), кој и во минатото објавувал прислушувања за функционерите на ДУИ.
„Прислушкувачот што беше пронајден во општината ме чинеше 20 илјади долари за да ми инсталира за да го снимам Дон Жуанот како се однесува кон работничките“, напишал меѓу другото Ел Чека во објавата на Фејсбук.
Градоначалникот на Општина Тетово, Фатмир Дехари, не одговори на повикот на „Порталб.мк“, а ниту на смс пораката во која беше прашан дали ќе преземе одговорност за овие постапки, каков е неговиот став или дали ќе поднесе оставка од својата позиција и кандидатура за градоначалник на Кичево.
Од Основното јавно обвинителство за „Порталб“ потврдија дека „до Основното
обвинителство во Кичево не е доставена никаква пријава или информација во врска со
настанот“.
Од Министерството за внатрешни работи за Порталб.мк изјавија дека „до овој момент
не е поднесена пријава до СВР Охрид за ваков настан“.
Во својата реакција ДУИ овие објави ги нарече измислици и монтирани.
„Го знаеме добро ова сценарио: кога не можат да победат со идеи, кога немаат проект,
измислуваат скандали, режираат разговори, измислуваат „факти“ и ги дистрибуираат со единствена цел, граѓаните да ја изгубат довербата во политиката и да останат дома на денот на гласањето“, велат во ДУИ.
Оттаму додаваат дека е од суштинско значење пред каква било јавна реакција или извлекување заклучоци, внимателно да се провери автентичноста на аудио материјалот.
„Само по една јасна и веродостојна проценка од страна на надлежните институции или експерти може одговорно да се зборува за неговата содржина. Секој коментар или дискусија без таква потврда би бил шпекулативен и потенцијално штетен за засегнатите лица“, велат од ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека ДУИ треба да престане да го брани Дехари.
„Не е етничко прашање, туку морално и кривично. ДУИ се обидува да му даде на
скандалот со Фатмир Дехари етнички наратив. Тука не се работи за Албанци против
Македонци. Тука се работи за злоставувач. Ова е прашање на достоинство, закон и
одговорност, без оглед на етничката припадност и религијата“, соопштија од ВМРО-
ДПМНЕ.
Од ВЛЕН изјавија дека оваа ситуација го деградира имиџот на институцијата и јавниот
морал.
„Ова е само одраз на политичката култура која 20 години ја задушува одговорноста и го крева срамот на ниво“, рекоа од ВЛЕН.
Инаку, Фатмир Дехари е кандидат за четврти мандат за градоначалник на Кичево на
локалните избори кои ќе се оддржат на 19 октомври.