Отпадот, воздухот и транспортот – главни теми во програмите на кандидатите за градоначалник на Скопје

Речиси сите потенцијални градоначалници на Градот Скопје, кои се кандидираат на претстојните локални избори, имаат едно заедничко ветување, дека редовно ќе собираат отпад и ќе обезбедат доволно канти, контејнери и камиони за ѓубрето. Иако се кандидати за прв човек на главен град во Европа и во 21 век, тие зборуваат за  елементарни работи како одржување на паркови и зеленило, на над 600.000 жители им ветуваат дека допрва тие ќе почнат да работат на обезбедување ефикасен јавен превоз и дека ќе бараат начини како домаќинствата да не горат дрва за затоплување. Сите ветуваат расчистување на воздухот, иако скопјани и во минатите години слушнаа многу ветувања, а не видоа многу решенија на оваа тема.

Ветувањата, од оние за основните потреби, кои одамна требале перфектно да функционираат и само да се надоградуваат, истовремено се испреплетуваат со амбициозни и донекаде нереални планови за град што ја живее реалноста на Скопје, напишани колку да се пополнат програмите.

Поранешната министерка за животна средина и кандидатка на Коалицијата предводена од СДСМ, Каја Шукова, загадувањето на воздухот го лоцира како проблем број еден на Скопје. Таа вели дека ќе работи на промена на греењето во домаќинствата со дрва, јаглен и отпадни материјали, што придонесува за 50 отсто од загадувањето на воздухот и за енормни емисии на PM10 и PM2.5, на сообраќајот, кој е вториот најголем извор на загадување на воздухот во урбаната средина, индустријата и на подобрување на енергетската ефикасност и урбанистичкото планирање. Шукова, како и другите нејзини колеги, кандидати, излез гледа во проширување на топловодната мрежа, префрлување на јавните објекти на обновливи извори на енергија, засилување на инспекции, подобар мониторинг, зелени коридори, па и забрана за користење дрва и јаглен за греење. Таа ветува 10.000 нови дрвја низ градот, нови паркови и урбани градини, подобрување на чистотата и редовно собирање на отпадот.

За Шукова намалувањето на загадувањето на воздухот ќе се подтигне со зајакнување на јавниот транспорт. Таа ја актуелизира идејата на БРТ транспорт, и тоа со две линии, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Кисела Вода до Чаир, а ветува и нови еколошки автобуси, изградба на 50 километри нови велосипедски патеки и систем за споделување велосипеди.

Кандидатот на Независни заедно, Горан Марковски во својата програма за локалните избори вели дека најголемите предизвици за Скопје се во доменот на животната средина. Граѓаните се незадоволни од квалитетот на воздухот, загадувањето со PM 2.5 е меѓу највисоките во Европа, управувањето со отпадот е неефикасен нема доволно контејнери, слаба или никаква примарна селекција и диви депонии, пожари на депониите, бучава и нечистотија на јавните површини.

Марковски ветува намалување на загадувањето на воздухот со PM2.5 за најмалку 25 отсто и зголемување на рециклажата на отпад на 25 отсто до 2029 година, потоа одржување и надградба на Зелениот катастар, воведување зелени коридори низ градот и нова програма „Зелен појас“ со 500.000 дрвја и зелени кровови. Тој бара ридот Градиште со Кале и МСУ да се прогласи за заштитен предел, а кејот на Вардар да стане велосипедски градски автопат.

И Марковски се залага за енергетска ефикасност и за зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, како и за вклучување на индустриска енергетска ефикасност во урбанистичкото планирање. Тој предлага организирање собирни местa за одделно собирање на отпаден текстил и отпадни гуми, инсталирање нови станици за мерење на квалитет на воздух и јавен дигитален портал за податоци, енергетско искористување на отпадот, како и воведување зелени острови за селекција во населбите и паметни контејнер.

Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, вели дека властите досега ги третирале симптомите, наместо изворите на аерозагадувањето и посочува дека прстот се вперува кон сиромашните, наместо да се санкционираат вистинските загадувачи.

„Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ и најави дека со решавање на проблемот со јавниот транспорт, кој, вели дека е главен фокус во неговата програма, ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето.

Мециновиќ се залага за идејата за градски воз, па ветува дури и елевирана железница од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, која треба да е надополнета со електрични автобуси. Инвестициите во транспортот, кандидатот на Левица ги проценува на над 700 милиони евра и смета дека може да се реализираат до 2033 година.

Тој во својата програма „Скопје сега“ ветува воведување на автоматизиран систем за самочистење на улиците и булеварите во Скопје со користење на вградени прскалки, поставени долж фреквентните сообраќајници, посебен Закон за Водно и мораториум за изградба на нови објекти на Водно ,климатски отпорни, иновативни автобуски, железнички и монорејл станици, комунална полиција и друго.

Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека има долгогодишна визија за Скопје, која ја темели на седум
столбови, од кои прв е здравата животна средина и биодиверзитетот и преку која сака Скопје да стане еколошки град.

Во неговата програма вели дека современиот град не може да биде здрав, жив и отпорен без темелна грижа за животната средина и биодиверзитетот. И тој тргнува од нечистотијата и ветува дека ќе направи генералка на главниот град и тоа во првите 72 часа. Ветува град без депонии, Еко бригади од по 15 професионалци
кои ќе чистат нелегални депонии пет дена неделно, цела година и научно планирано озеленување и зелени коридори, а за подобрување на квалитетот на воздухот предлага електрификација на јавниот превоз, па дури и забрана на цврсти горива.
Ѓорѓиевски нуди План за чист воздух што планира да го финансира преку еко фонд, со кој ќе заменува на начини на затоплување, ќе ја шири топлификациска мрежа и ќе дава субвенции за енергетска ефикасност.

Тој ветува повеќе инспектори, велосипедски и пешачки патеки, зголемување на зелените површини, изградба на мега-паркови и проширување на градското зеленило, а крајната цел, како што пишува во програмата, му е Скопје да се движи во насоката на град без јаглероден диоксид. Ѓорѓиевски се занимава и со Вардариште, за кое вели дека ќе го направи мега парк, а Расадник да биде градска шума, иако во последните години, таму никнуваа само згради. Планира уште два мега паркови во Бутел и Ѓорче Петров, но и 50 маалски паркови.

Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ вели дека за шест месеци ќе ги исчисти сите диви депонии, ќе набави камиони и садови за ѓубре, а ветува и камиони кои постојано ќе собираат кабаст и отпад од пакување од домаќинствата, а Дрисла дека ќе ја направи европска депонија.

INFO