Во најновото мислење усвоено на пленарната седница во Венеција на 9 и 10 октомври 2025 година, Венецијанската комисија на Советот на Европа дава целосна анализа на нацрт-законите за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, кои се дел од владината Реформска агенда за периодот 2024–2027 година. Комисијата ги поздравува заложбите на властите за подобрување на интегритетот на правосудниот систем и посебно го пофалува инклузивниот процес на подготовка на законите, но укажува дека за целосна независност на обвинителството ќе бидат потребни и уставни измени.
Во мислењето се наведува дека двата нацрт-закона претставуваат значаен чекор напред во однос на транспарентноста, професионалните стандарди и отчетноста на јавните обвинители, но дека одредени решенија и натаму оставаат простор за политичко влијание. Експертите забележуваат дека сегашниот уставен модел, според кој јавниот обвинител се избира и разрешува со просто мнозинство во Собранието, не обезбедува доволна заштита од политизација. Затоа Комисијата препорачува во идните уставни измени да се предвиди избор и разрешување на јавниот обвинител со квалификувано мнозинство, што би овозможило поширок политички консензус и би ја засилило автономијата на функцијата. Исто така, се предлага да се укине можноста за негов реизбор, бидејќи неповторливиот мандат е клучен за независноста на институцијата.
Во однос на Советот на јавни обвинители, Венецијанската комисија укажува дека составот на ова тело е урамнотежен, но препорачува дополнителни мерки за спречување на прекумерно влијание од обвинителската фела и за обезбедување вистинска разноликост. Таа предлага повторно разгледување на условите за професионално искуство на членовите што не се обвинители, со цел критериумите да бидат единствени и соодветни на големината на земјата. Комисијата смета дека четворицата членови што ги избира Собранието треба да се именуваат по појасни и попрецизни постапки, кои би вклучувале и други општествени актери како универзитетите, адвокатурата или граѓанскиот сектор, за да се избегне партиско влијание. Посебно се нагласува потребата обвинителите кои ќе бидат избрани во Советот да ги замрзнат своите функции за времетраењето на мандатот, со што би се зголемила независноста на Советот и би се избегнал конфликт на интереси.
Комисијата препорачува да се појаснат и дел од одредбите што се однесуваат на разрешување членови на Советот, особено формулациите како „загрозување на автономијата на обвинителите“ или „неизвршување на обврските“, кои според неа се премногу нејасни и оставаат простор за произволно толкување. Таа повикува во законските коментари или во образложението на законот да се дадат конкретни примери и објаснувања на овие поими, за да се избегнат злоупотреби. Дополнително, се укажува дека одлуките за предвремено престанување на мандатот на членови на Советот не треба да се носат со просто мнозинство, бидејќи тоа може да доведе до доминација на обвинителската група во гласањето.
Во делот што се однесува на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија го поздравува предвидениот јавен конкурс за избор на јавен обвинител и вклучувањето на Советот на јавни обвинители во давањето стручно мислење за кандидатите. Сепак, Комисијата смета дека е потребно дополнително да се намали можноста за политичко влијание, бидејќи предлогот го поднесува Владата, а Собранието одлучува со просто мнозинство. Затоа повторно се препорачува воведување квалификувано мнозинство, како и ограничување на мандатот на јавниот обвинител на една повторна изборна можност, со задолжителен период на пауза меѓу двата мандата.
Во однос на професионалните стандарди, Венецијанската комисија препорачува во критериумите за избор на јавен обвинител јасно да се наведат и организациските и менаџерските способности, бидејќи позицијата бара високо ниво на раководни компетенции. За дисциплинските постапки Комисијата оценува дека новиот законски концепт е појасен и пофер, но предлага одредени поими како „несоодветно однесување“ или „оштетување на угледот на обвинителството“ да се дефинираат поточно, за да не се користат за произволни разрешувања. Во случај Владата да се разликува од мислењето на Советот за разрешување на јавниот обвинител, таа треба писмено да го образложи своето отстапување.
Посебно внимание се посветува на системот на евалуација и дисциплинска одговорност на обвинителите. Комисијата смета дека оценувањето на нивната работа треба да биде транспарентно, со јасно утврдени критериуми и можност за увид и за жалба, но и дека треба да се избегне спојување на оценувањето со дисциплинската постапка. Таа препорачува да се отстрани одредбата според која две последователни негативни оценки автоматски претставуваат тешка дисциплинска повреда, бидејќи оценката и дисциплината се два различни механизми.
Во делот за организацијата и финансирањето на институцијата, Венецијанската комисија позитивно ја оценува намерата Јавното обвинителство целосно самостојно да управува со својот буџет и го поздравува зголемувањето на минималното буџетско учество од 0,4 на 0,5 проценти од државниот буџет. Сепак, експертите потсетуваат дека оваа норма мора навистина да се почитува во практиката, бидејќи повеќето соговорници во земјата изразиле сомнеж дека сегашниот процент некогаш бил реално обезбеден.
На крајот од мислењето, Комисијата констатира дека реформските напори на Министерството за правда и вклучувањето на стручната јавност претставуваат позитивен пример за транспарентен процес, но предупредува дека без уставни гаранции за независност и јасно ограничување на политичкото влијание, промените ќе останат делумни. Венецијанската комисија ја изразува својата подготвеност да продолжи да ѝ помага на Северна Македонија во натамошното усогласување на законите со европските стандарди и принципите на владеење на правото.