Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња од печатницата во Битола

Испечатени се онолку ливчиња колку што има запишани гласачи во Избирачкиот список и тоа за градоначалник и за советници, по 1.832.415, и дополнително за градоначалник на Град Скопје и за советници, каде право на глас имаат вкупно 474.304 избирачи.

За печатење на избирачките ливчиња се предвидени 48 милиони денари, но колку ќе бидат потрошени ќе се знае откако ќе се види согласно резултатите каде ќе има втор круг од изборите и уште колку ливчиња ќе биде потребно да се испечатат.

Вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список за локалните избори изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи во изводите на избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи, додека согласно евиденцијата на надлежните органи право на глас имаат вкупно 112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица. Гласање во дијаспората за локалните избори нема согласно Изборниот законик, така што оние што сакаат да го искористат своето право на глас треба да допатуваат во земјава.

Во сабота, на 18 октомври, први ќе гласаат болните и немоќните, затворениците и лицата во притвор. Пријавени се околу 9.000 болни и немоќни лица, што е повеќе од локалните избори во 2021. Во сабота гласаат и 2.162 затвореници и 450 избирачи од домовите за стари лица.

Во недела гласањето почнува во 7 часот изутрината и трае до 19 часот. Се гласа само еднаш, гласањето е тајно, а и на овие избори за идентификација на гласачите ќе се употребуваат апаратите за биометриска идентификација.

Локалните избори на 19 октомври ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

The post Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња од печатницата во Битола appeared first on МКД.МК.

INFO