За да може да примите вакцина против сезонски грип треба да се чувствувате добро, односно да немате симптоми на настинка, вирус или грип, а ако сте биле болни или настинати, треба да почекате да поминат барем две недели, па да ја примите вакцината, предупредуваат лекарите. На неколку пунктови низ државата, во тек е вакцинацијата против сезонски грип.
„Ако пациентот имал вирус, настинка, грип, треба да почека да поминат барем две недели за да биде сигурен дека е оздравен, па потоа може да ја прими вакцината. Во спротивно, ако не е закрепнат, треба да го одложи вакцинирањето за неколку дена. Вакцината е најдобрата заштита од грип“, смета д-р Весна Стојанова Анастасовска од ординацијата „Медико Марија“.
Како што денеска информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вакцинацијата се спроведува во јавните здравствени установи низ државата, односно во центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици.
Во ИЈЗ се спроведува вакцинација против грип за здравствените работници на територијата на град Скопје.
„За да се зголеми достапноста на вакцината против грип на територијата на град Скопје, во процесот на вакцинација е вклучен и Здравствениот дом – Скопје, при што се отворени вакцинални пунктови во: Поликлиника „Букурешт“, Поликлиника „Бит Пазар“ и Поликлиника „Идадија“. Вакцината е бесплатна за ризичните групи на население, меѓу кои спаѓаат: лица над 65 години, лица со хронични заболувања (астма, срцеви, бубрежни, дијабетес, метаболни, невролошки, имунолошки, малигни заболувања), деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, здравствени работници
Грипот е акутно заразно заболување предизвикано од вирусот на грип, кое најчесто ги зафаќа горните дишни патишта – носот и грлото, а во потешки случаи и бронхиите.
Иако кај повеќето луѓе болеста поминува релативно лесно, кај одредени групи може да предизвика сериозни компликации, потреба за хоспитализација, па дури и смртен исход.
Грипот лесно се пренесува со кашлање или кивање, како и преку контаминирани предмети. Симптомите се јавуваат по 1 до 4 дена од инфекцијата, а заразениот може да го пренесува вирусот и пред појавата на симптоми. Болеста обично започнува нагло, со висока температура, главоболка и малаксаност, болки во мускулите и зглобовите, болно грло и сува кашлица, солзење и секреција од носот. Кај повеќето лица симптомите се повлекуваат за околу една недела, но кај ризичните групи може да се јават компликации како пневмонија, воспаление на срцевиот мускул или мозокот, па дури и смртен исход.
Вакцинацијата е најефикасен и најсигурен начин за заштита од грип и неговите компликации. Секоја година вакцината се прилагодува на циркулирачките соеви на вирусот и нуди најдобра можна заштита за претстојната сезона. Институтот за јавно здравје ги повикува сите граѓани, особено оние кои припаѓаат на ризичните групи, навремено да се вакцинираат против грип.
Пријавувањето за вакцинација се врши преку веб-страницата vakcinacija.mk. По успешно пријавување, ќе добиете СМС-порака со информација за датумот, времето и местото на вакцинацијата.