Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска изјави дека не очекува никаков проблем во снабдувањето со природен гас за земјава, и покрај вчерашниот договор на Советот на ЕУ за преговарачката позиција за прекин на увозот на руски енергенти, пренесе „360 степени“.
Постепената забрана за увоз на руски енергенти треба да почне од 1 јануари 2026 година, а целосна забрана за увоз на природен и течен природен гас (ЛНГ) од Русија се предвидува од 1 јануари 2028 година.
Министерката Божиновска е уверена дека земјава нема да се соочи со проблеми.
„За од 2027 година веќе работиме на гасоводот со Грција, дотогаш би требало да биде готов и мислам дека нема да има проблем бидејќи тоа ќе се решава на европско ниво“, рече Божиновска.
Таа додаде дека дури и доколку гасоводот не биде готов или терминалот во Александрополис не проработи, не треба да се грижиме бидејќи „никој нема да нè остави без гас“ и ќе се најде алтернативно решение на ниво на ЕУ. Во однос на закупениот капацитет во новиот ЛНГ-терминал во Александрополис, министерката потврди дека државата „уредно ги плаќа фактурите“ и покрај тоа што терминалот сѐ уште не работи.
„Се плаќаат 250 илјади евра месечно, тоа е договор склучен на 15 години и мора да се плаќа. Тоа треба да се види, сега засега плаќаме нешто што ниту сме можеле да го користиме, ниту годинава ќе го користиме“, објасни Божиновска.